ВИКТОР А.К.А. БАШЛАК, ДРЖАВА КАКО КРУША !!!



Државата е составена од три основни компоненти, а тоа се: народ, територија и власт. Политиката пак, е само механизам, благородничко и интелектуално, државничко и идеолошко поле во кое групи на народот, кој е во состав на државата, групирани по основ на својата: интелектуална потреба, правна потреба, лична потреба, идеолошка потреба се натпреваруваат и се надмудруваат, борејќи се за власта. Тие групи, предводени од своите квалитети, капацитети, преку дијалог, дебати и наметнување на идеи, секоја група од својата идеолошка гледна точка, прават планови и презентираат решенија за потребите на народот, за подобар и поквалитетен живот во државата.


Политиката како една благородна целина составена од историја, филозофија, социологија, како една општествена дисциплина за менаџирање на животните потреби на народот, регулирани од правните и религиско-моралните норми, темелени врз обичаите и традицијата на народот и малцинствата во една држава, во Македонија не ти работи на таков принцип. Во светот, глобално земено, постојат луѓе кои “ќе јадат само по еден лист од бреза и ќе бидат сити 7 дена”-скромни, а од другата страна постојат луѓе кои “постојано ќе јадат, но никогаш нема да бидат сити”-лакоми. Сведоци сме, што на своја кожа, што преку видео и пишани материјали, дека околу власта, сите овие 30 години независност, гравитираат лица од вториот тип на луѓе. Па, со самото тоа, политиката добива разни епитети, а онаа најомилената на народот, а и на политичарите кои ја користат сакајќи да оправдаат некоја нивна непоправлива грешка, оди од прилика вака: “Политиката е к&рва”. На ова секако јас би реплицирал: “ Не, политиката не е к&рва, туку к&рви се тие што ја креираат”.


Да сакаат нашите политичари да го избегнат овој епитет, тоа ќе го сторат веднаш. Во Македонскиот политички систем креирањето на политика се заснова по принципот пазарење, а додека другите два  основни принципи на креирање политика : рационалниот и ирационалниот принцип, воопшто не се во игра. Ирационалниот принцип, кој е својствен за Скандинавските земји, секако дека нас не ни одговара, но час поскоро, мораме да го напуштиме “пазарлакот” како начин на креирање политика, на сметка на рационалниот принцип, бавно, чекор по чекор, проблем по проблем, без брзање, темелно и домаќински, во интерес на народот. Друг начин скоро и да нема.


Но, постојано се поставува прашањето, зошто и при промена на власта, се прават истите грешки !? Па, јас друго објаснување, освен следново, немам: нашата држава е една убава, зрела, жолта и миризлива круша, која од далеку свети како златна црквена купола по која се мамат сите случајни и намерни минувачи. Но, она што секоја зрела круша ја снаоѓа, доколку нема добар и грижлив градинар, кој би ја собрал навремено и внимателно е токму она што ја снаоѓа и нашата Македонија. Секоја запоставена зрела круша ја напаѓаат секакви штеточини. Секако најбројни се гнидите. Ситни, мали, скоро невидливи, но така добро собрани околу крушата, збиени, ја пијат, ја трошат и ја расипуваат. Производот од ова дејство е скапување на крушата, сушење на дршката, отпаѓање од стеблото и конечно гниење.


Политиката од благородна општествена потреба, механизам со кој треба да се менаџираат потребите на граѓаните, во насока на создавање поубав и поквалитетен живот, благодарение на гнида-политичарите е сведена на процес на расипување, гниење, распаѓање на нашата држава, која е убава како круша.


Чаре?

Секако, чарето е во синот на градинарот, во младите. Младите кои преку политичките младински организации како што се УМС, СДММ и ред други. Чарето е во младите политичари кои ја почуствувале “лошата миризба” на крушата која се распаѓа. Сите тие, да учат како треба, а пред се, да учат како не треба да се постапува со крушата, со државата. Еднаш за секогаш да ги исчистат гнидите од крушата и после цели 30 години да почнеме да го береме здравиот и убав плод. Младите политичари конечно имаат јасен и бришан простор пред себе и конечно шанса да изберат: дали сакаат да бидат гниди кои ќе ја изгнијат крушата или ќе бидат добриот градинар кој ќе го произведува најдобриот производ. Треба само трпение и воља, бидејќи гнида-политичарите ги напаѓаат и оние што сакаат нив да ги исчистат, ги инфицираат, а за краток период ги прават гниди исти како нив.


Стоп за гнидите во политиката, време е за дезинсекција на Македонија.

#МакедонијаВечна

29060043_2016680208590936_36926234558838
  • Facebook

© 2020 Аналитикум / Analitikum