„Вечното дерби“ без победник, Вардар ги казни грешките на Пелистер!

Екипата на Вардар и во подмладен состав одолеа на првиот предизвик оваа пролет. Тимот на Никола Илиевски - Џиџи освои бод во „вечното дерби“ со Пелистер (2-2) и најави дека оваа екипа ќе биде тврд орев за секого.

Најголемиот меч во македонскиот фудбал понуди четири гола, а Вардар ги казни грешките на Пелистер. Двапати дефанзивата на битолчани потфрли, па и двапати играчите на скопскиот тим казнуваа. Ова е бод од поголема важност за Вардар, затоа што Пелистер нема зимска залиха на бодови и битката за опстанок ќе е тешка.

Дуелот во Скопје започна со груба грешка на Пелистер. Уште во третата минута, голманот Талески и Илиески имаа лоша комуникација, која ја казни Филип Петковски и Вардар дојде до предност. Пелистер потоа тргна во напад, немаше сериозна шанса, но главната закана беше од прекините.

Токму од еден корнер, битолчани дојдоа до изедначување. Во 22. минута, Пејаковиќ по еден претходно одбранет шут на Илиќ изедначи на 1-1, арно ама ситуацијата беше на прв поглед спорна, затоа што делуваше како играчот на Пелистер да е во офсајд. Сепак, Ставрев и неговите помошници не сигнализираа такво нешто. Нерешено беше на паузата, а на стартот на вториот дел, Пелистер повторно погреши во дефанзива. По едно лошо исфрлање на Спиркоски во одбраната по центаршут на Лазаревиќ, топката заврши до Мирчевски, а битолчанецот удри по „своите“ и погоди против матичниот клуб за 2-1 за Вардар.

Заморот по шеесетатта минута ги стигна вардарци и тоа беше евидентно. Повеќе се играше на половината на домашните, а во 73. минута, Ристе Илијоски пропушти добра шанса да изедначи. Притисокот продолжи и понатаму, а Пелистер се избори за изедначување со голот на искусниот Борче Маневски во 80. минута. Вардар се наоѓа на шестото место во ПМФЛ со 26 освоени бода, додека Пелистер е деветти со 19 бода. Во следното коло „црвено-црните“ гостуваат кај Шкендија, додека Пелистер ќе биде домаќин на Ренова.



извор: gol.mk

29060043_2016680208590936_36926234558838