Сведоштво: Филипче и болниците 70-годишни пациенти ги оставаат да умрат и не ги примаат во болница

Неколку дена по смртта на мојата мајка, конечно собрав сила да ја опишам голготата низ која поминавме, пишува една скопјанка во Фејсбук групата „Ковид 19 – искуства и совети“.

76-годишна жена, пациент на дијализа, позитивна на ковид, со пад на сатурација, висока температура и наод на плуќата, за што доктор претходно порача итна хоспитализација, по извршената дијализа во ковид центарот во „8-ми Септември“, била оставена во ходник сама без никаква медицинска нега.

Затоа што немало кревет за неа, креветот се чувал за некој помлад, сведочи нејзината ќерка.

-Нормално, дома без соодветна терапија ситуацијата драматично се влошува. Утредента во полукоматозна состојба доаѓа брза помош (секоја им чест), но и тие уплашени, кажуваат дека не знаат каде да ја носат, во болница не им ги примале пациентите, особено постарите, сведочи ќерката на пациентката.

Понатаму раскажува дека на нивно настојување докторката се обидела пацинетката да биде примена во „8-ми септември“ како нивни пациент, но по 30-минутно чекање во комбето, докторката се вратила и соопштила дека нема да ја примат, бидејќи над 70 години не примале во „8-ми Септември“.

Настојувањето да биде примена во болница продолжило, по што по 30 минутно чекање во комбе пациентката на крај сепак била примена на гастро. Им било речено да почека доктор за да земе податоци, но и по четири часа тој не дошол, туку само им јавиле дека пациентката починала.

-Чувајте се сите, а особено чувајте ги вашите постари сакани. Државата едноставно не им дава шанса да преживеат, а зошто, не знам. Можеби да го растеретат пензискиот фонд?! Па и тие луѓе можат да поживеат уште 10-20 години, но и покрај тоа што цел работен век плаќале здравствено осигурување, на нив им е скратено основното право, правото за лекување, оставени се на немилост, само затоа што се стари, а системот оптеретен, пишува скопјанката.

Додава дека разбира оти здравствениот систем е оптеретен, но обвинува дека, како што вели, очигледно е дека министерот за здравство, кој слободно може да си ја смени титулата со министер за смрт (затоа што со овие бројки на смртност така и ќе биде запаметен) ниту е способен, ниту може да се справи со ситуацијата во која се најдовме.

-Би било добро да си се врати во болница и да го работи тоа што најдобро го знае, а раководството со здравствениот систем да го препушти на некој поспособен. И на крај, две прашања ќе ме мачат: Дали мајка ми ќе преживееше ако место да ја исфрлеа во ходник, да ѝ дадеа навремено соодветна венска терапија и кислород? Дали ако Илија Филипче се зарази со ковид ќе го примат во ‘8-ми Септември‘, бидејќи, нели, тој има над 70 години?!, пишува таа.

На крајот од фејсбук-постот скопјанката го повикува министерот Филипче јавно да излезе и да соопшти дека во ‘8-ми Септември‘ е забрането да примаат пациенти над 70 години. Јавноста мора да знае, особено постарите каде да се обратат во случај на компликации од вирусот.


извор: lider.com.mk

29060043_2016680208590936_36926234558838
  • Facebook

© 2020 Аналитикум / Analitikum