Споменикот за Горан Стефановски е готов и ќе биде поставен во неговото Дебар Маало

Во чест на починатиот писател, режисер, сценарист, драматург и еден од најзначајните ликови во македонската култура, Горан Стефановски, Општина Центар заедно со семејството на Стефановски во неговото Дебар Маало наскоро ќе постават долгонајавуваниот споменик.


Симболичниот споменик, е веќе излеан и се наоѓа во Лондон, а ќе биде поставен во паркчето кое се наоѓа спроти бараките на општината, веднаш до чинарот, кој минатата година на роденденот на Стефановски – 27-ми април, беше засаден во знак на сеќавање на доајенот на македонската литература.


Одбележувањето на роденденот на Горан Стефановски е дел од програмата за култура на Општина Центар и со исклучок на годинава, кога целиот свет се соочува со пандемијата на коронавирусот, општината секоја година во Дебар Маало ќе го одбележува со пригоден настан.


„Од неодамна функционира и Здружението на граѓани за зачувување и промоција на културното наследство на Горан Стефановски, чија цел е неговиот опус во секое време да биде достапен на граѓаните за подобро запознавање со неговите дела и промоција на сето она што значеше Горан за македонската културна сцена“, се наведува во соопштението од општина Центар.


Стефановски беше автор на многу текстови и драми, меѓу кои и „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“ и на детската ТВ-серија, „Бушава азбука“.


извор: makfax.com.mk

29060043_2016680208590936_36926234558838
  • Facebook

© 2020 Аналитикум / Analitikum