Споменикот на Турунџев со години стои заборавен во дворот на Општина Битола, меѓу паркирани возила


На 30 август 1905 година, на битолскиот Ат-пазар, со бесење беше погубен големиот македонски војвода Александар Турунџев. Историчарите запишале дека пред турскиот аскер да му ја стави јамката околу вратот, по неговиот извик „Македонија ќе биде слободна“, тој сам си го ставил јажето околу вратот и се обесил.

Сега, по 115 години од трагичната смрт на Александар Турунџев, неговиот споменик стои во дворот на општината, заборавен не само од општинското раководство туку и од чуварите. За да му се оддолжи за неговата херојска смрт, Општина Битола пред пет години едногласно ја усвои одлуката да му се подигне споменик на војводата Александар Турунџев, на местото Ат- пазар, во Битола, местото каде што се обесил.

Денес е жална сликата со споменикот на битолскиот војвода Александар Турунџев. Неговиот споменик, изработен во бронза, повеќе од четири години е оставен во дворот на општината, меѓу паркираните патнички возила на вработените во општинската администрација, напуштен и заборавен, едноставно да пропаѓа.


Иако споменикот за Александар Турунџев подолго од три години е готов, изработен и платен, сепак тој сѐ уште чека општинските служби да се смилуваат и да го постават на местото каде што требаше да биде подигнат на Ат-пазар, каде што пред 115 години беше обесен.

Одлуката за изградба на споменикот на Александар Турунџев беше донесена во јули 2015 година. Тогаш Општина Битола објави јавен повик за комплетно идејно решение за подигнување и изработка на споменик на војводата Александар Турунџев. Со едногласна одлука на советниците, како од власта така и од опозицијата, беше решено споменикот да биде поставен во новиот кружен тек, кој требаше да се изгради на раскрсницата пред поранешната Ветеринарна станица, во непосредна близина на Ат-пазар, местото каде што Турунџев во 1905 година бил обесен. Таквата одлука на градоначалникот Владимир Талески и советниците ја поздравија и сите битолчани, кои постојано го воспеваат нивниот славен војвода Турунџев.


Споменикот е висок три метри, тежок 500 кг и требаше да биде поставен на постамент од два метри. Изработен е од бронза. Автор на идејното решение на споменикот е Ѓорѓи Димовски, а изработката е извршена во леарница во Скопје, под надзор на менторката Валентина Стевановска. Но наместо поставувањето на споменикот на Турунџев да претставува празник за Битола, како што е вообичаено кај нас, и во овој случај се замеша дневната политика, па споменикот остана во дворот на општината, заборавен буквално од сите.


Со урбанистичкото решение требаше кај Ат-пазар да се направи кружен тек, а во средината да бидат поставени постаментот и споменикот на Турунџев. Но за да се изгради кружниот тек, требаше да биде исечен еден мал дел од паркот. И тука работите се искомплицираа, се замеша и политиката, а беше најавено и дека проектот ќе биде подложен на ревизија.


извор: novamakedonija.com.mk

83425208_113292373554260_678017133495032
29060043_2016680208590936_36926234558838

© 2020 Аналитикум / Analitikum