Смртта на македонскиот архиепископ и по 34 години останува мистерија

Одеднаш пред нас се најде камион и го згмечи „мерцедесот“, а дедо ми ми умре в раце, опишува Татијана Попоска, внука на македонскиот архиепископ г.г. Ангелариј, поглавар на МПЦ, кој пред 34 години, на 15 јуни 1986 година, трагично загина во мистериозна сообраќајна несреќа на патот Прилеп – Велес, кај кавадаречкото село Фариш.


Сопатничка во службениот „мерцедес“ на архиепископот му била неговата внука Татијана, тогаш студентка, која ја преживеа несреќата, во која освен г.г. Ангелариј, загина и службениот возач на „мерцедесот“.


Мистериозните околности во кои загина поглаварот на Македонската православна црква остана и до денденес.


Г.г. Ангелариј е роден како Цветко Крстески, во прилепско Долнени, на 25 март 1911 година и беше втор поглавар на МПЦ, носејќи ја титулата Архиепископ охридски и македонски. Роден е од татко Костадин, кој бил свештеник, и мајка Ѕвезда. Неговиот брат, Пецо Крстески бил учесник во НОБ и загинал во 1942 година. По основното образование во Долнени и во Прилеп, во 1926 година се запишал на средно богословско училиште „Св. Јован Богослов“ во Битола кое го завршил во 1931 година.

Од ѓакон до поглавар на МПЦ

Во 1932 бил ракоположен во чин ѓакон во црквата „Св. Димитрија“ во Битола, а истата година во црквата „Св. Богородица“ бил назначен за свештеник и станал парох во дебарското село Гари, каде служел до 1937 година. Потоа парохиски свештеник бил во црквата „Св. Благовештение“ во Прилеп од 1937 до 1961 година и архиерејски намесник на Прилепското архиерејско намесништво.


Свештеникот Цветко Крстески учествувал во НОБ, а бил и член на Иницијативниот одбор за организирање на МПЦ во 1945 година и член на Здружението на православното свештенство на НРМ.


Тој учествувал во работата и на Првиот македонски црковно-народен собор во Скопје во 1945 година и на Свештеничката конференција во 1946 година. За своите заслуги бил одликуван со црвен појас, потоа со граден крст во 1959 година и со највисокото свештеничко одликување протоереј – ставрофор.


По војната студирал на Филозофскиот факултет во Скопје.

Во 1961 година бил назначен за парохиски свештеник при црквата „Св. Великомаченик Ѓорѓи“ во квартот Фицрој во Мелбурн во Австралија, каде што ја основал и првата македонска православна црковна општина, а за време на неговата служба била изградена првата македонска призната црква во дијаспората.


Во Мелбурн служел од 1961 до 1964 година. По враќањето во Македонија во 1964 година бил на служба во црквата „Св. Благовештение“ во Прилеп, а по смртта на неговата сопруга, во 1972 година, ја прифатил поканата на Синодот на МПЦ и се замонашил под името


Ангелариј. Во 1975 година од САС на МПЦ бил хиротонисан за епископ Пелагониски, а на 5 јули 1977 година за Дебарско-кичевски митрополит, како и администратор- сотрудник на болниот митрополит Преспанско-битолски, Климент.

Удбашка местенка поврзана со СПЦ

На Црковнонародниот собир, на 19 август 1981 година, Ангелариј бил избран за Архиепископ Охридски и Македонски. А по нецели пет години поминати како поглавар на МПЦ, г.г. Ангелариј загинал во сообраќајката, кога во службениот „мерцедес“, во кој се возел архиепископот, удрила цистерна со српски регистарски таблички.


Неразјаснетата сообраќајка до денденес ги остави отворени сомнежите дека неговата смрт била наместена од удбашки агенти, поврзани со архиерејското намесништво на Српската православна црква.


Во ноември 2014 година, неговата внука, Татијана Попоска, која патувала со архиепископот кога се случила несреќата, изрази отворено сомневање дека неговата смрт била намерно предизвикана, поради неговото залагање за обединување на Македонија, искажано во еден негов говор, одржан на гробот на Гоце Делчев. Во прилог на нејзиниот сомнеж, таа го наведува и фактот дека возачите на двата камиона што учествувале во сообраќајката биле осудени на затворски казни од една и четири години, а отслужиле само мал дел од казните.

Архиепископот Ангелариј е погребан во црквата „Св. Димитрија“ во Скопје.


Трагично загинатиот архиепископ зад себе го остави синот Драгослав Крстески, а во независна Република Македонија беше постхумно одликуван со Деветтосептемвриската награда.

Сведоштво на внуката Татијана Попоска

И по 28 години (во 2014 г.) од трагичната смрт, не престануваат нашите сомнежи за сообраќајната несреќа во која дедо ми испушти душа во мои раце, вели 48-годишната (сега 53 г.) Татијана Попоска, внука од син на покојниот г.г. Ангелариј, која била во „мерцедесот“ во кој загина г.г. Ангелариј.


– Никогаш по тој кобен настан не седам на предно седиште, ниту можам да возам автомобил. Дедо ми ми умре в раце. Одеднаш пред нас се најде камион и го згмечи „мерцедесот“, во кој, освен дедо ми, загина и возачот – се сеќава Попоска во „Дневник“, која во времето на несреќата била студентка.


Попоска отворено се сомнева дека сообраќајната несреќа не била случајност. Според нејзините кажувања, нејзиниот дедо бил притискан од тогашните власти да го повлече говорот во кој зборувал за неприкосновеното право на Македонците за сопствена независна држава и црква, што во тоа време се косело со комунистичката политика. Таа раскажува за настанот:


– По литургијата во село Долнени, тргнавме од Прилеп за Скопје со блиндираниот „мерцедес“. Ќе полагав испит. Kај Дреновската Kлисура одеднаш излезе камион пред нас и за миг го смачка „мерцедесот“. На самото место загина возачот, а по некоја минута и дедо ми ја пушти душата во моите раце. Имаше 75 години. Јас, сопругата и децата на возачот бевме повредени, но свесни. Во тие моменти од трагедијата не чувствував дека сум повредена, туку подоцна сум паднала во бессознание. Среќа што автомобилот беше блиндиран, инаку сите ќе изгиневме. Траумите и последиците од тој настан ги чувствувам и денес. Од страв не можам да возам автомобил, ниту да седам на предното седиште – вели Попоска.


Етикетиран по говор на гробот на Гоце Делчев

Таа и ден-денес е убедена дека несреќата била наместена. Сомнежот, како што вели таа, е и поради тоа што возачите на двата камиона не ја отслужиле ниту малата казна од една и од четири години затвор.


– Не можам да се помирам и не верувам дека дедо ми загина во случајна сообраќајка. Имам сомнеж дека судирот беше инсцениран, поради сите повици, закани за залагањето на Ангелариј за идејата за Македонија – вели Попоска.


Таа додава дека нејзиниот дедо имал широко национален и православен поглед. Бил респектиран и од папата Јован Павле Втори, а етикетата за заговорник на националната посебност ја добил по говор за обединувањето на Македонија на гробот на Гоце Делчев. Дедо и Цветко Kрстески, подоцна владика Ангелариј, бил последен свештеник во лозата од пет века.


– Народен човек, харизматичен, несебично дарувеше христијанска љубов. Умееше кај луѓето да влее надеж и доверба. Не лажна, туку совесна и чесна. Секому му помагаше и за секој наоѓаше добар збор, кој му излегуваше од срцето. Мислеше дека како што ги сака тој луѓето и тие го сакаат. Но, не беше така. Беше здрав и витален со многу идеи за Македонија. Родителите му ставиле обетка од бебе за да преживее, оти неговите сестри и браќа умирале – вели Попоска.


Kај семејството Попоски и Kрстески, кај децата и внуците на поп Цветко, како што прилепчани го знаеја, не бледнеат и непријатностите поради свештеничката повеќевековна традиција.


– Уште на училиште имав маки, оти дедо ми беше поп. Се плашевме од комунистите. И на факултет имав притисоци и малтретирања. Сега сум професорка во СОУ „Орде Чопела“ – вели внуката Татијана Попоска.


Потомците на г.г. Ангелариј скромно и со силна верба во бог ги следат неговите стапки.


Официјална верзија за смртта

Иако никој, никогаш не покрена каква било постапка за оспорување на официјалната истрага, ниту пак Црквата доволно гласно ја постави темата во јавноста. Секоја година на 15 јуни оваа дилема се повторува во јавноста и на тој начин опстојува мистеријата што точно се случило тој ден.


Според официјалниот извештај поглаварот на МПЦ, г.г. Ангелариј загинал во сообраќајна несреќа на 15 јуни 1986 година во Дреновската клисура, на патот Прилеп – Скопје, кога службениот „мерцедес“, во кој се возел архиепископот, под неразјаснети околности се судрил со цистерна со српски регистарски таблички. Во несреќата, освен г.г. Ангелариј, загинал и неговиот возач.


Нејасно е и дали покрај сударот со цистерната имало и друг удар во возилото на архиепископот, дали тој ја преживеал несреќата, па починал или загинал од самиот удар.

Архиепископот Ангеларија, покрај другото, ќе остане запаметен и по својата луцидна изјава изречена на гробот на македонскиот апостол Гоце Делчев:

„Балканот не е тесен, тесни се срцата наши“, мислејќи тогаш на едноумието во времето на атеистичкиот, комунистички режим.


denesen.mk kurir.mk

29060043_2016680208590936_36926234558838

© 2020 Аналитикум / Analitikum