Скандал при изборот во Врховниот суд: Судијата Џемали Саити паднал на психолошкиот тест, му даваат..



Скандал при изборот во Врховниот суд: Судијата Џемали Саити паднал на психолошкиот тест, му даваат втора шанса?!


Во недостиг на официјални информации и одговор на прашањето дали треба да продолжи постапката за избор на прв човек во Врховниот суд, судски неофицијални извори велат дека, тука постапката запира и за да нема шпекулации или какви било дамки Судскиот совет треба да биде транспарентен со јавноста, откако ја потврдил информацијата за невалиден тест на судијата Саити, а не да размислува за второ полагање на истиот кандидат.

Џемали Саити, претседател на Здружението на судиите и врховен судија кој е еден од тројцата кандидати за претседателското место во Врховниот суд не успеал да помине на полагањето, односно имал невалиден тест, дознава Плусинфо од неофицијални извори кои се сомневаат дека штом оваа информација се таи во јавноста можно е да се прават обиди за местење на столчето во највисокиот македонски суд за некој „подобен“ кандидат кој утре заедно со извршната власт ќе дели правда.

Кандидатите кои се јавиле на огласот, а ги исполнуваат условите полагаат психолошки тест и тест за интегритет, како што пропишува член 16 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите. Нашите извори велат дека, ако кандидатот не го положил тестот, тоа значи дека не продолжува постапката понатаму, а најмалку да му се даде втора шанса на истиот кандидат во рамки на објавениот оглас.

Судиите и претседателите на судовите ги избира и разрешува Судскиот совет од каде што на барање на Плусинфо да ја потврдат информацијата за спроведеното тестирање на судијата Саити, велат дека тестот бил невалиден, без да ги наведат причините дали станува збор за невалиден тест поради технички причини или за нешто друго.

– Во врска со Вашето барање за информација по однос на тоа дека еден од кандидатите за претседател на Врховен суд на Република Северна Македонија не го положил психолошкиот тест од првпат, Ве известуваме дека согласно Договорот на Судскиот совет на РСМ со Институот за социолошко и политичко правни истражувања Скопје е спроведено тестирање на двајца кандидати кои досега го немаа полагано овој тест. Од страна на Институтот, известени сме дека за еден од кандидатите треба да се повтори полагањето со оглед дека според нивно видување тестот е невалиден – велат од Судскиот совет.

Во обид да дознаеме што се случило одговори побаравме и од компанијата „Виста груп“, која што го спровела тестирањето, но оттаму ни рекоа дека дента кога било организирано тестирањето немало никакви технички проблеми, ниту пак имало проблем со Интернетот. Повторно се обративме до Судскиот совет со барање да ни одговорат дали се точни наводите дека судијата Саити добил право и покрај невалиден тест повторно да полага и зошто тестот бил невалиден, од суштински или од технички причини? И дали во случај на невалиден тест на еден од кандидатите треба да се поништи огласот?

Од институцијата со која раководи судијата Киро Здравев, денеска велат дека веќе ни одговориле на прашањето, без да прецизираат зошто тестот на судијата, кандидат за челната позиција во Врховниот суд бил невалиден, дали има право повторно да полага и дали ќе продолжи постапката за избор на прв човек во највисокиот македонски суд. Можеби ќе ве интересира – Во врска со Вашето барање за доставување на информација по однос на полагањето на психолошкиот тест од страна на кандидатите за избор на претседател на Врховниот суд, кое беше доставено на 02.02.2021 година, Ве известуваме дека истиот ден Ви е доставен одговор по меил од страна на Судскиот совет на Република Северна Македонија – велат од Судскиот Совет.

Во трката за претседател на Врховниот суд покрај Саити, по разрешувањето на поранешниот претседател Јово Вангеловски се и врховните судии Беса Адеми и Лидија Неделкова, поранешна претседателка на овој суд. На оваа функција засега како за в.д. претседател е назначен судијата Фаик Арслани.

Во недостиг на официјални информации и одговор на прашањето дали треба да продолжи постапката за избор на прв човек во Врховниот суд, судски неофицијални извори велат дека тука постапката запира и за да нема шпекулации или какви било дамки Судскиот совет треба да биде транспарентен со јавноста, откако ја потврдил информацијата за невалиден тест на судијата Саити, а не да размислува за второ полагање на истиот кандидат. Ако одговорот на ова прашање ѝ биде ускратен на јавноста, велат нашите извори, тогаш сомнежот дека се крои план за судското столче во Врховен ќе остане, а заложбите за прочистување на судството ќе бидат само „мртво слово на хартија“.

А, што вели законот? Според Законот за судовите, претседателот на судот се избира за период од четири години, со можност да биде избран повторно на иста позиција уште четири години. За претседател на судот се избира судија кој во последните две години од Судскиот совет бил оценет со највисока позитивна оценка, додека согласно законот треба да има поголем број поени во однос на останатите кандидати.

Претседателот на Судот има статус и функција на прв судија во соодветниот суд. Кандидатот за претседател на Судот, заедно со поднесокот и другите документи поднесува програма за работа за време на неговиот мандат.

Прогласувањето за избор на претседател на судот, Судскиот совет го објавува два месеца пред истекот на мандатот на претседателот во заминување. Од најавените кандидати кои ги исполнуваат потребите и условите, Судскиот совет го избира претседателот на судот најдоцна во рок од два месеца по објавувањето на огласот. Претседателот на Судскиот совет неодамна најави дека оваа постапка ќе заврши до крајот на јануари.



извор: plusinfo.mk

29060043_2016680208590936_36926234558838
  • Facebook

© 2020 Аналитикум / Analitikum