СЕВИЛЈА ИМА 48.000 ПОРТОКАЛОВИ ДРВЈА И ЌЕ ПОЧНЕ ОД ОВОШЈЕТО ДА ПРОИЗВЕДУВА СТРУЈА

Во пролет, воздухот во Севилја мириса на портокаловиот цвет, но 48.000 дрвја во градот произведуваат 5,7 милиони килограми овошје, кое скапува на улиците во зима и претставува опасност за пешаците и главоболка за комуналната служба.


Затоа е лансирана пилот програма, чија цел е производство на сосема различен тип на сок од несаканите портокали: електрична енергија. Поточно, градот ќе го користи метанот што се создава при ферментацијата на овошјето за да добива чиста струја.


Иновативната шема е осмислена од општинската компанија за водоснабдување „Емасеса“, која ќе искористи 35 тони овошје за да добие чиста струја за еден од своите пречистителни погони. Портокалите ќе одат во погон кој веќе создава струја од органска материја и како што ферментираат, собраниот метан ќе се користи за работата на генераторот.


„Се надеваме дека наскоро ќе бидеме во можност да ги рециклираме сите портокали од градот. Тие се проблем за градот и ние ќе му даваме вредност на отпадот“, изјави Бенињо Лопес, шефот на одделот за животна средина во „Емасеса“, додавајќи дека градот ќе треба да вложи 250.000 евра во проектот.


Тимот кој стои зад проектот вели дека потенцијалот е огромен и не е ограничен само на „Емасеса“, имајќи го предвид големото количество овошје, што инаку завршува на депонии. Неговите истражувања покажуваат дека од еден тон овошје може да се добијат 50 киловат-часови, доволно да се обезбеди целодневна струја за пет домови. Ако се рециклираат сите портокали и струјата се вклучи во електричната мрежа, ќе можат да се покријат 73.000 домови.



извор: sdk.mk

29060043_2016680208590936_36926234558838
  • Facebook

© 2020 Аналитикум / Analitikum