РЕК Битола за една година ги дуплирала испуштениот сулфур диоксид и прашина

Емисиите на прашина од РЕК Битола се 2,5 пати повисоки од дозволеното, а најголем проблем се емисиите на сулфур диоксид од електраната кои се дуплирани за само една година, од 52.823 тони во 2018 година во 105.431 тони во 2019 година. Со ова трите блока во комбинатот станаа инсталација со најголеми емисии на сулфур диоксид во регионот, а можеби и во Европа.


Овие податоци се дел од најновиот извештај на „Бенквоч“, кои покажуваат дека две и пол години откако законодавството за контрола на емисиите од големи согорувачки капацитети стапи на сила преку Енергетската заедница, нашата земја е сѐ подалеку од исполнување на обврските. Извештајот може да се преземе на следниот ЛИНК.


Овогодинешниот извештај, кој е продолжение на ланскиот „Усогласи или затвори“, покажува дека термоелектраните на јаглен од Западниот Балкан продолжуваат да емитуваат неверојатно високи количина на загадувачи во воздухот – повеќекратно поголеми од дозволените со Националните планови за намалување на емисиите.


Вкупните емисии на сулфур диоксид во 2019 година од термоелектраните во Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Македонија остануваат шест пати над дозволеното, исто како и во 2018 година. Емисиите на прашина во регионот се незначително намалени и во моментов се 1,6 пати повисоки од дозволеното.


Националниот план за намалување на емисиите е механизам што овозможува големите капацитети постепено да ги намалуваат емисиите до 2027 година кога треба да се целосно усогласени со строгите гранични вредности од европското законодавство. Но, согласно развојот на настаните во енергетскиот сектор во државава, станува сѐ помалку веројатно дека ќе видиме постројка за десулфуризација во Битола во периодот до 2027 година.


„Во меѓувреме приоритет е да се донесе Програмата за имплементација на стратегијата за развој на енергетиката со која ќе се избере зеленото сценарио како најисплатливо и забрзано ќе почне да се спроведува. Ова ќе овозможи во најкраток можен рок да се намалат работните часови на комбинатот и тој да се затвори во определениот рок, а со тоа и да се елимира проблемот со загадувањето што произлегува од него“ – изјави Давор Пехчевски, координатор за аерозагадување во Бенквоч и ко-автор на извештајот.


„Не смееме да дозволиме емисиите од РЕК Битола да останат на ова ниво во наредните години. Сулфур диоксидот е сериозна закана по човековото здравје и по животната средина. Предизвикува иритација на дишните патишта и во големи концентрации доведува до сериозни респираторни заболувања. Тој е исто така и главна причина за појава на кисели дождови што се погубни за нашите шуми и плодна земја“ – додава Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест.


„РЕК Битола е најголем индивудуален загадувач, но истовремено и најголем индивидуален извор на стакленички гасови. Со забрзана транзиција кон обновливи извори на енергија нема само да го подобриме квалитетот на воздухот во битолскиот регион, туку ќе бидеме и многу блиску до намалување на емисиите на стакленички гасови. Дополнително енергетската транзиција отвара можности за одржлив економски развој на целиот регион“ – дополни Елена Николовска од Еко-свест.


lider.com.mk

29060043_2016680208590936_36926234558838
  • Facebook

© 2020 Аналитикум / Analitikum