Расте задолжувањето на граѓаните, од банките најмногу се бараат потрошувачки кредити

Кај населението, остануваат доминантни потрошувачките кредити, а потоа се кредитите за набавка и реновирање на станбен простор, вели во интервју за МИА, претседателката на Македонската банкарска асоцијација Маја Стевкова-Штериева.


Таа во интервјуто вели дека заклучно со 30 ноември 2020 година, вкупните кредити на ниво на банкарскиот систем достигнале 353.345 милиони денари, што е раст на годишно ниво од 5,4 отсто. Вкупните кредити на домаќинствата бележат пораст од 8,3 отсто во однос на истиот период минатата година и 7,6 осто во однос на 31 декември 2019 година. Наспроти тоа, вкупните кредити на нефинансиските друштва бележат пораст од 2,5 отсто во однос на истиот период минатата година и се намалени за 0,8 отсто во однос на крајот на годината.


Стевкова-Штериева забележува дека во изминатиот период, може да се забележи воздржување од инвестициски активности кај корпоративните клиенти како резултат на неизвесноста поради здравствената криза, намален обем на работа поради намалени нарачки од деловните партнери од земјите во ЕУ, прекинати синџири на испорака на репроматеријали и слично.

-Имајки го ова предвид, може да се каже дека македонските компании голем или најголем дел од своите финансиски потреби ги покриваат со кредити од банките. Ова значи дека нивното работење зависи од поддршката што им ја даваат банките. Актуелната криза уште повеќе ги зголеми и усложни нивните потреби за финансиска поддршка од банките и затоа банките ќе останат нивни партнери во одржувањето и развојот на бизнисот, вели таа.

Опоравувањето на економијата е очекувано во 2021 година, вели Стевкова-Штериева, но додава дека сите прогнози од релевантните домашни и меѓународни финансиски институции кажуваат дека тоа нема да оди така брзо како што сите посакуваме.

-За жал, и вирусот нема брзо да си замине, така што заканата за здравјето на луѓето и контракциите што ги предизвикува врз економијата продолжуваат. Тешко е да се прогнозира кога ќе се воспостави контрола врз епидемиолошката ситуација и кога луѓето ќе почнат нормално да се движат и да функционираат. Во услови на изразен степен на неизвесност, банките секако остануваат подготвени да одговорат на потребите на граѓаните и на компаниите согласно прудентните економски и монетарни политики. Очекувам да продолжи растот на кредитните пласмани кај компаниите и кај населението, истакнува Стевкова Штериева.

Маја Стевкова-Штериева, претседателката на Македонската банкарска асоцијација / Фото: МИА



извор: lider.com.mk

29060043_2016680208590936_36926234558838
  • Facebook

© 2020 Аналитикум / Analitikum