ПО ГОДИНА И ДВА МЕСЕЦА ПУБЛИКАТА СЕ ВРАТИ ВО БИТОЛСКИОТ ТЕАТАР, СТОЕЧКИ АПЛАУЗИ ЗА ПРЕМИЕРАТА



ПО ГОДИНА И ДВА МЕСЕЦА ПУБЛИКАТА СЕ ВРАТИ ВО БИТОЛСКИОТ ТЕАТАР, СТОЕЧКИ АПЛАУЗИ ЗА ПРЕМИЕРАТА НА МАРЈАН ЃОРГИЕВСКИ

Со стоечки аплаузи од публиката беа наградени актерите и другите театарски работници кои вчера ја поставија и одиграа претставата „Ноќта кога ја убив месечината“ во Народниот театар во Битола, премиера со физичко присуство на публиката по година и два месеца. Поради претпазливост и почитување на протоколите за заштита од ковид-19, вчера на премиерата беше дозволено присуство од четириесетина гледачи. Но, публиката со овации ја проследи претставата после подолгиот период на отсуство од театарските сали.


Претходно премиера со присуство на публиката имаше во декември 2019 година, на „Аудиција“ во режија на Благој Мицевски, а на крајот на минатата година премиерата „И коњите ги убиваат зар не?“ во режија на Мартин Кочовски, која беше прикажана онлајн поради пикот на пандемијата и бројноста на театарската екипа која беше вклучена, иако сите беа тестирани.


„За 2021 ова е наша прва премиера со мала екипа и помал број на публика, но сѐ се одвива според пропишаните протоколи“, велат од Народниот театар во Битола.


Претставата е работена по адапација на текстот „Мостот“ од Лорен ван Велтер, а во режија на Марјан Ѓоргиевски. Во неа се отвораат темите за слободата и демократијата кои се злоупотребуваат, животот во автоцензура и предвременото откажување од вистинското битисување, осаменоста и трчањето по лажните вредности. Се поставува прашањето колку маски ставаме за да функционираме во изместената реалност, со ничкосани норми?


Во претставата играат Александар Копања како човек од висока класа, Марјан Ѓоргиевски човек од средна класа, а во улога на просјакот се појавува Валентин Светозарев. Негова е и сценографијата, а костимографијата на Благој Мицевски, кореографијата е на Валентино Апостоловски. На сцената на Битолскиот народен театар ќе биде одиграна и вечерва, а изведби се закажани и за 24 и 25 февруари од 20 часот.



извор: sdk.mk

29060043_2016680208590936_36926234558838
  • Facebook

© 2020 Аналитикум / Analitikum