Панчев за Gol.mk: Оваа генерација вечно ќе се памети, успехот е огромен!

Дарко Панчев, фудбалерот на векот во Македонија, ќе има шанса да ја гледа фудбалската репрезентација на Европското првенство (ЕП) кое ќе се игра во 2021 година. Избраниците на Игор Ангеловски со голот на Горан Пандев славеа во Грузија и дојдоа до континенталниот собир, а великанот на македонскиот фудбал во изјава за Gol.mk испрати срдечни честитки до сите во националниот тим.

„Во секој случај, без разлика на патот што го изодевме, дојдовме до ЕП, ова е огромен успех. Првпат се пласираме на голем настан, оваа генерација вечно ќе се памети и ќе влезе во македонската фудбалска историја. Заслужено се пласираа на ЕП затоа што бевме убедливо најдобри во таа дивизија во која игравме. Натпреварот беше тврд, без многу шанси, не многу атрактивен, добро ги затворавме просторот пред нашиот гол, така што Грузијците беа безопасни. Немаа некоја голема шанса, со исклучок на два шута од крило, ние чекавме наш момент, го добивме и го искористивме преку одлична акција. Успехот е донекаде очекуван ако се сумира се што се случи, а од утре веќе ќе мора да се подготвуваме за тоа ЕП 2021 затоа што се работи за сериозен фудбалски настан“, ни изјави Панчев.

Златната копачка од Македонија играше за националниот тим на шест средби, на кои успеа да постигне еден гол. Нашиот фудбалски состав ќе игра во групата во Букурешт и Амстердам заедно со Холандија, Украина и Австрија.


извор: gol.mk

83425208_113292373554260_678017133495032
29060043_2016680208590936_36926234558838

© 2020 Аналитикум / Analitikum