Основачите на СДСМ бараат оставка од Заев

Народот понижен и изреволтиран по последните чекори превземени од премиерот Зоран Заев кој веќе не крие како тргува со македонската историја и идентитетот откако го промени уставното име на Република Македонија, пишува Курир.

Но, гневот кон него не доаѓа само од граѓаните, туку и од оние кои некогаш го поставија на партиската функција.

Како премиер на државата го разлути македонскиот народ, а како лидер на СДСМ ги разлути основачите на партијата.


По долго време молк, вчера се огласи Бранко Црвенковски. Го замрзна своето членство во партијата која ја основаше и на чие чело беше многу години, барајќи оградување од ваквите ставови на Зоран Заев.

Реакцијата на Црвенковски ја пренесуваме во продолжение:

Почитувани сопартијци, Во изминативе 7 години решив да не бидам на било каков начин присутен во политичката јавност во Македонија. За таквото однесување имав повеќе причини, а во оваа прилика ќе ги споменам двете најголеми. Додека СДСМ беше во опозиција и водеше тешка битка со режимот, не сакав на било кој начин да давам дополнителен повод за напади кон раководството на СДСМ, дека се мои марионети или дека спроведуваат политики под мое влијание. Сакав партијата да биде ослободена од било какво бреме од претходните владеења на СДСМ со државата. Во периодот после формирањето на Владата на чело со СДСМ, не излегов во јавноста, за да не се доведам во ситуација да се конфронтирам или јавно да критикувам некои политики и постапки на мојата партија. А такви ситуации имаше во повеќе наврати. Таквиот мој став ќе продолжеше и во иднина, ако не се случеше скандалозното интервју на Премиерот и Претседател на нашата партија, Зоран Заев. Ставовите и тезите искажани во тоа интервју предизвикаа и ќе предизвикуваат тешки и долгорочни последици за македонскиот народ и македонската држава. Направена е огромна и непоправлива штета. Она што може и мора да се направи е да се стави јасно на знаење дека ставовите на Заев не се ниту ставови на целата Влада, ниту на целиот државен врв. Се обраќам до вас, почитувани сопартијци, за да ви укажам на посебната одговорност што ја има нашата партија. Зоран Заев е претседател на СДСМ и наша е задачата да ја намалиме штетата колку што е можно повеќе. Ако нема никаква реакција, ставовите на Заев ќе станат ставови застапувани од целиот СДСМ, а бидете убедени тоа ќе има катастрофални последици по партијата и што е уште полошо по државата. Реакциите на пооделни видни членови во медиумите и на социјалните мрежи се добредојдени, но не и доволни. Затоа, почитувани мои сопартијци, повикувам под итно да се свика Централниот одбор на партијата и на таа седница да се донесе заклучок дека искажаните ставови на Заев не се ставови ниту на ЦО ниту на СДСМ во целина. Да се реафирмираат уште еднаш ставовите на СДСМ за македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, македонската историја, карактерот на антифашистичката борба и АСНОМ. Почитувањето и спроведувањето на таквите заклучоци да биде задолжително и без релативизрање за секој член на раководството на партијата и секој државен функционер предложен од СДСМ. Почитувани сопартијци, До одржувањето на таква седница на ЦО, јас, Бранко Црвенковски, основач и долгогодишен претседател на СДСМ, го замрзнувам моето членство во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Со другарски поздрав, Бранко Црвенковски

Илинка Митрева за интервјуто на Заев: Нема простор за дообјаснувања, има простор за вонреден конгрес во СДСМ

Евроинтеграциите биле и ќе бидат наша трајна државна заложба, но не по цената што е спремен да ја плати премиерот. Време е Заев да се соочи со судот на јавноста, вели поранешната министерка за надворешни работи.

Ставовите на Заев се завршниот удар што тој ѝ го задава на Македонија. Почна од Преспа и промената на името на нашата држава, а сега посегна по идентитетот, јазикот и историјата – по ноторни историски факти, фашистичката окупација на Македонија. Капитулираше пред најголемиот напад со кој се соочила Македонија од почетокот на нејзиното постоење: уцени, притисоци и барања што задираат во темелите на македонската нација.

Ова го вели професорката Илинка Митрева, поранешен министер за надворешни работи на Република Македонија, како реакција на интервјуто на премиерот Зоран Заев за агенцијата БГНЕС.

Евроинтеграциите биле и ќе бидат наша трајна државна заложба, но не по цената што е спремен да ја плати премиерот. Време е Заев да се соочи со судот на јавноста. Нема простор за политички манипулации и дообјаснувања во СДСМ, нема простор за амнестија. Но, има простор за вонреден конгрес, вели Митрева.

Таа смета дека е време „да се испрати натпартиска порака до сите општествени и политички сили во нашата земја, до сите граѓани, да се обединиме пред тешките предизвици што ни претстојат“.

Како поранешен политички деец, но и како граѓанин, имам право и обврска да застанам во одбрана на националната гордост, заклучува професорката Митрева.

Андреј Петров: Германскиот канцелар Вили Брант клекна на колена за да побара прочка, не проба да ја смени историјата

Поранешниот генерален секретар на СДСМ и градоначалник на Општина Карпош Андреј Петров направи паралела помеѓу поранешниот германски канцелар Вили Брант и интервјуто на Заев дадено за БГНЕС.

Тезата дека бугарите биле администратори и ослободители на Македонија е неточна. И тоа нема врска со Бугарскиот народ. Вили Брант канцеларот на Германија кој доби Нобелова награда клекна на колена пред гетото во Варшава во знак на барање прочка. Не проба да ја смени историјата, коментира Петров.

извор: lider.com.mk
29060043_2016680208590936_36926234558838

© 2020 Аналитикум / Analitikum