Општина Битола дала над милион денари за концертите на Петар Грашо и Бебек

Општина Битола јавно објави колку пари се потрошени од општинскиот буџет за поддршка на културните настани во изминатите осум месеци. Според соопштението испратено до медиумите, со 3.769.000 денари или над 61.000 евра биле поддржани 15 културни настани.


Меѓу концертите кои добија поддршка од Општината се и оние што се одржаа на Хераклеја, Жељко Бебек, Амира Медуњанин и Дарко Рундек во организација на „Авалон“ и Петар Грашо на продукцијата „Прагма“. За концертите на „Авалон“ Општината дала 600.000, а на Грашо 500.000 денари.

На концертите на Бебек, Медуњанин и Рундек беа почитувани пропишаните протоколи за заштита од ковид-19, додека за концертот на Грашо се крена голема прашина зашто повеќето од присутните не носеа маска и не се држеше дистанца. Општината тогаш излезе со соопштение дека одговорност на организаторите е да ги почитуваат сите пропишани протоколи и мерки.


Меѓу другите културни настани поддржани од Општината се концертот на камерен оркестар (150.000 денари), Илинденски денови (200.000), Локум фест (120.000) Битола отворен град (600.000), Фестивал на музика и вино (300.000), ФФК Браќа Манаки (220.000), Мал битолски Монмартр (150.000) и други.

Годинава го немаше Бит фест, востановен од бившиот градоначалник Владимир Талевски, туку само се одржаа одредени културни настани. Сумите кои претходната власт ги трошеше за Бит фест најчесто остануваа сокриени од јавноста. Имаше само информација дека во 2014 Бит фест, кој траеше два месеца, чинел 18.232.865 денари (303.880 евра), што е четири пати повеќе од парите потрошени за културните настани во изминатите осум месеци.

Годинава имаше и помалку настани поради пандемијата на ковид-19, додека во 2018, кога Наташа Петровска стана градоначалничка, Општината за Бит фест даде 3,2 милиона денари.

Ж. ЗДРАВКОВСКА

извор: sdk.mk

29060043_2016680208590936_36926234558838
  • Facebook

© 2020 Аналитикум / Analitikum