Обвинителство нема да го гони Вангеловски за предметите во фиока

Од Обвинистелството информираат дека нема да го гонат кривично поранешниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски, за предметите кои наводно ги чувал во фиока до застарување, бидејќи постоеле само основи за одговорност пред Судскиот совет, а судијата веќе бил разрешен.

Во продолжение објаснувањето од обвинителство: „Основното јавно обвинителство Скопје донесе резолуција во однос на известувањето од 29.10.2019 година на Врховниот суд на РСМ, во кое се наведени предмети кои биле затекнати по донесените одлуки за времено оддалечување од вршење на судиската функција на тогашниот претседател на Врховниот суд и на уште еден судија. Надлежниот јавен обвинител ја донесе резолуцијата, бидејќи од кривично-правен аспект произлезе дека нема основи за сомневање дека е сторено кривично дело кое се гони по службена должност.

Имено, ова известување Врховниот суд на РСМ најнапред го доставил до Судскиот совет на РСМ, кој потоа го препратил до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, по што предметот беше проследен во надлежност на ОЈО Скопје.

По приемот на ова известување заедно со записникот од седницата на Одделот за казниви дела на Врховниот суд, одржана на 03.10.2019 година, ОЈО Скопје направи проверки во Врховниот суд на РСМ и во Судскиот совет. Воедно, во обвинителството беше испитан и поранешниот претседател на Врховниот суд кој даде исказ, а подоцна и писмено приложи појаснувања преку свој бранител.

Од направените анализи и од наведените проверки произлезе дека констатираните состојби во извештајот и записникот на Врховниот суд на РСМ упатуваат на оценка за нестручно и несовесно вршење на функциите судија и претседател на суд што е во надлежност на Судскиот совет на РСМ. Но, пријавениот претседател на суд веќе бил разрешен од судиската функција по друг основ.

Од кривично-правен аспект, пак, обвинителството не утврди дека постојат основи на сомнение дека било извршено кривично дело кое се гони по службена должност, се вели во соопштението.


извор: fokus.mk


29060043_2016680208590936_36926234558838
  • Facebook

© 2020 Аналитикум / Analitikum