НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Во Лондон е заверено распарчувањето на Македонија меѓу Грција, Србија и Бугарија

На 30 мај 1913 година во Лондон е потпишан мировниот договор со кој завршила Првата балканска војна и со кој за Македонија турско ропство било заменето со распарчување, поделба и ново ропство под Грција, Србија и Бугарија.


Лондонската мировна конференција започнала на 16 декември 1912 година со цел постигнување договор меѓу победничките во Првата балканска војна и поразената Турција, која предложила на Македонија и на Албанија да им се даде автономија под суверенитет на Турција.


Тоа не било прифатено. И поради незадоволството помеѓу балканските сојузници Грција, Србија и Бугарија од распределбата на отстапените територии од Турција, по Првата балканска војна (1912 – 1913) набрзо започнала и Втората балканска војна (1913).


Турскиот предлог за автономија на Македонија одбиен од трите соседа


Албанија на 28 декември 1912 е призната за независна држава, а предлогот за независност на Македонија не е прифатен. Србија и Грција уште пред војната тајно се договориле дека нема да дозволат создавање на самостојна Македонија, ниту бугарско – албанска граница меѓу државните граници на Србија и Грција. Турскиот предлог за создавање на автономна Македонија го одбила и Бугарија, која со Грција ги заострила односите уште во почетокот на Првата балканска војна, особено откако грчката војска го зазела Солун.


Со потпишувањето на Лондонскиот мировен договор на 30 мај 1913 година со Турција, односите меѓу балканските држави, кои биле сојузнички, уште повеќе се заостриле. Во тоа време, сојузниците ги окупирале оние територии што ги зазеле во војната против Турција.


Меѓу Србија и Бугарија уште во време на војната била создадена привремена демаркациона линија: Патарица – Руен – сртот на Осоговските Планини – Злетовска Река – Брегалница, до сливот на Крива Лакавица – сртот Плавуш – Дојранско Езеро. На таа линија започнало префрлувањето на бугарската војска од Тракија и истовремена концентрација на силите кон Грција.


Тоа било причина на 1 јуни 1913 година Србија и Грција да склучат договор за пријателство и одбранбен сојуз против Бугарија. Покрај тоа, Србија добила право на слободно користење на пристаништето во Солун во траење од 50 години. Истиот ден била потпишана и конвенција, во која биле регулирани меѓусебните воени обврски и соработката меѓу Србија и Грција во случај на напад од Бугарија или на некоја друга држава.


Втора балкнаска војна и второ парчење на Македонија


По тие настани, големите сили, со оглед на сопствените интереси кон Балканот, имале широка дипломатска активност. Русија сакала да го зачува Балканскиот сојуз како противтежа на Австро-германското продирање на Балканот, а Австро-Унгарија тежнеела да се разбие овој сојуз и ја поддржувала Бугарија.


За да го спречи избувнувањето на нова, меѓусојузничка војна, Русија ги повикала сојузниците да го решат спорот по мирен пат и ги предупредила Србија и Бугарија на руската арбитража предвидена со српско-бугарскиот договор. На рускиот апел двете страни одговориле условно: српската влада дека ја прифаќа арбитражата на Русија, доколку се прифати нејзиното барање за ревизија на договорот, а бугарската влада арбитражата ја прифаќала доколку се почитува договорот, односно воспоставената поделба на територијата. Со оглед на тоа дека двете влади не отстапувале од своите барања, Русија се откажала од натамошна арбитража. Со тоа го забрзала почетокот на Втората балканска војна, новата поделба на Македонија и воспоставување нови граници по пат на сила.


Во името на македонската колонија во Петерсбург, на 1 март 1913 година до Лондонската мировна конференција е испратен Меморандум потпишан од Димитрија Чуповски, Наце Димов, Гаврил Константинович и А. Везников. Во меморандумот Димитрија Чуповски пишува: „Две третини од населението на Македонија претставуваат посебно словенско племе“ и приложил етнографска карта.

Отоманската империја го потпишала мировниот договор во Лондон, според кој се откажала од териториите западно од линијата Енез-Мидија во корист на балканските сојузници, со тоа што било одлучено да се создаде албанска држава, чии граници требало да се утврдат дополнително.


Сите имале загуби, а Македонија изгубила се

Бројот на загинати, ранети и заробени изнесувале: Отоманска Империја 153.000, Царство Бугариjа 73.000, Кралство Србија 30.000, Кралство Грција 28.671 и Кралство Црна Гора 10.000 луѓе. Материјалните загуби на Царството Бугариjа изнесувале 1,3 милијарда франци, на Кралството Србија 590 милиони, на Кралството Грција 467 милиони и на Кралството Црна Гора околу 100.000 франци.


Загубите на Македонија, човечки и материјални, не се наведуваат, ниту во еден извор, иако војната се водела во Македонија, а Македонија загубила сé.


И затоа Сандански рекол: „За Македонија би било подобро да остане под турско ропство, оти тие што ќе ја ослободат, ќе ја распарчат и повторно ќе ја поробат“.


Првата Балканска Војна формално била започната од страна на Кралството Црна Гора на 9 октомври 1912 година, а потоа на 18 октомври се приклучиле и останатите сојузници, што всушност се смета и за почеток на Првата балканска војна. Балканските сојузнички војски за релативно кратко време ја скршиле воената моќ на Отоманската империја која била победена на сите фронтови и била принудена набргу да побара мир.


Воените операции главно се воделе во Тракија и во Македонија, со учество на голем број Македонци во сите војски. Балканските сојузници успеале да го исползуваат ентузијазмот и воодушевувањето на Македонците да се борат за слободата на својата земја.


 Трка меѓу Грција и Бугарија за Солун


Непосредно по почнувањето на српската офанзива кај Куманово, престанале да работат телеграфските врски од и кон Солун. Дури откако почнале во Солун да пристигнуваат огромен број албански и турски бегалци, народот почнал да го сфаќа обемот на воената катастрофа со која се соочила Османлиската империја.


Речиси 20.000 бегалци биле сместени по локалните џамии во многу нехигиенски услови. По нив дошле и турските војници кои се повлекувале – некои од нив бегале од Србите, дел бегале од Грците кои се движеле источно од планината Олимп, а дел биле поттиснати од бугарската дивизија Рила што брзала надолу по реката Струма.


Грчките и бугарските сили очајно настојувале први да стигнат до Солун, кој што бил најголемата награда од османлиското наследство и немало никакви претходни договори за неговиот статус, па поседувањето ќе биде закон.


Принцот Константин и единиците под негова команда ја претркале дивизијата Рила за неколку часа, па тој церемонијално влегол во Солун.

Македонци во сите војски

Најмногу македонски борци биле регрутирани во армијата на Царството Бугарија. На тракискиот фронт учествуваа 14.000 Македонци организирани во Македонско-одринско ополчение (доброволци). Но, Македонци имало и во војската на Србија и на Грција.


Одредот на Јане Сандански со 500 четници, составен од реонските чети на Александар Бујнов, Тодор Паница, Таската Серски, Чудомир Кантарџиев и други, дејствувајќи самостојно прво го освоиле градот Мелник со околните места. Во реонот на Мелник и Свети Врач покрај споменативе самостојни чети, под нивна команда се наоѓале околу 400 мелничани, 300 од Свети Врач и околу 70 востаници од околните села.


Откако ја пробиле Рупелиската Теснина, Седмата рилска бугарска девизија и четите под команда на Сандански со 300 востаници, во придружба на четите на Стојо Хаџиев, Димитар Арнаудов, Александар Бујнов и други, како претходница на бугарската коњаница, влегле во Солун пред настапувањето на бугарските единици.


Така, иако Македонија била ослободена од Османлиското ропство, со големо учество на Македонци кои се бореле во сојузничките војски и за автономна Македонија, нејзината судбина била решена на Лондонската конференција: Македонија распарчена потпаднала под нова окупација на Грција, Србија и Бугарија.

извор: denesen.mk

29060043_2016680208590936_36926234558838
  • Facebook

© 2020 Аналитикум / Analitikum