Мото протест за „Правда за Гоце“, кој загина во сообраќајката кај „Млечен“

Група моторџии денеска излегоа на протест против условната казна за виновникот во сообраќајката кај „Млечен“ од октомври 2018 година, во која загина 32-годишниот Гоце Димитриевски, а неговата бремена сопруга Наташа го загуби плодот и се здоби со тешки телесни повреди кои сѐ уште ги лекува.

Виновникот за сообраќајката, управувајќи џип, недозволено поминал преку двојна полна линија на коловозот и удрил во младиот брачен пар. Во повикот за протест се посочува дека целта е да се крене гласот против неказнивоста на сторителите на тешки дела во сообраќајот.

-Изрекување казна условен затвор, де факто слобода, во случајот како за сообраќајката кај ‘Млечен’, каде што загинаа еден човек и неговото неродено бебе, а неговата сопруга беше тешко повредена, е недозволива судска пракса. Судиите што носат вакви пресуди и обвинителите за кои ваквите пресуди се прифатливи треба да знаат дека со таков тип неказнивост директно поттикнуваат натамошно дивеење во сообраќајот, што доведува до нови жртви кај невини луѓе кои се придржуваат на правилата и прописите. Затоа овој мотопротест е и опомена до судовите и обвинителствата и треба да им биде повод да се преиспитаат зошто се носат судско-обинителски одлуки што доведуваат до неказнивост, се вели во дел од повикот за протестот.

На протестот е и сопругата на загинатиот Гоце Димитриевски, која претходно иницираше постапки против надлежната првостепена судијка и против обвинителката која го водеше случајот.

Судскиот совет сѐ уште ја разгледува претставката против судијката, а во понеделникот Советот на јавни обвинители ја „ослободи“ колешката од каква било одговорност. Случајот „Млечен“ во моментов е на одлучување пред Апелациониот суд-Скопје, кој треба да одлучи по жалбата на обвинителството.


извор: lider.com.mk





29060043_2016680208590936_36926234558838
  • Facebook

© 2020 Аналитикум / Analitikum