МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА МУ ПОРАЧА НА ИНСПЕКТОРАТОТ ДА НЕ ОБЈАВУВА НЕИЗДРЖАНИ ТВРДЕЊА...

МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА МУ ПРЕПОРАЧА НА ИНСПЕКТОРАТОТ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА ДА НЕ ОБЈАВУВА НЕИЗДРЖАНИ ТВРДЕЊА НА ФЕЈСБУК ЗА ОПАСЕН ОТПАД ПРЕД ДА ПРОВЕРИ

Министерството за животна средина му препорачува на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) да не ги шири своите размислувања на социјалните мрежи и притоа да изнесува неиздржани тврдења пред да добие официјален одговор, откако Министерството повторно го разгледало и утврдило дека решението за одобрување на елаборатот за животна средина на битолската фирма „Ремондис Медисон“ е донесено согласно прописите. Ова доаѓа откако ДИЖС преку Фејсбук побара од Министерството да го преиспита решението за одобрување на елаборатот.


На 9 декември, Државниот инспекторат за животна средина објави на Фејсбук дека се прави итно преиспитување на елаборатот за третман на медицински отпад, по пријава на граѓани од Гази Баба, а по извршениот увид во елаборатот за заштита на животната средина утврдиле сериозни недостатоци, особено што, како што велат од ДИЖС, на инвеститорот му се одобрува, спротивно на закон, да врши стерилизација на хемикалии и патоген отпад.


Но, од Министерството за САКАМДАКАЖАМ.МК потенцираат дека елаборатот и решението за одобрување на елаборатот се две различни работи. Во елаборатот инвеститорот може да напише што сака, но тоа не значи дека ќе му биде одобрено. Конкретно за недостатоците во елаборатот што ги утврдил ДИЖС, од Министерството велат дека „во решенијата и дозволите за работа на предметната компанија, прецизно е утврдено кои активности смеат да се вршат, а за кои е потребно претходно склучување на договори со правни субјекти кои ги поседуваат потребните дозволи“, и додаваат:


„Ние потполно ги поддржуваме барањата на граѓаните и нивната грижа за соодветно инспектирање и проверка на инсталациите во нашата земја, но сметаме дека изнесувањето на неверификувани тврдења во јавноста пред темелно да се испитаат од сите вклучени страни и доаѓање до конечни заклучни наоди, можат само да ја манипулираат јавноста“.

За секој случај, од Министерството велат дека започнале постапка за внатрешна проверка, и земајќи го предвид обемот на предметот и самиот елаборат, штом процесот заврши, Министерството официјално ќе ги соопшти наодите.

Фирмата „Ремондис Медисон ДОО Битола е наследник на фирмата за собирање и преработка на медицински отпад „Еко клуб“ и има погон за собирање и преработка на отпад кај Кванташки пазар во Скопје.


М. ИЛИОСКИ

извор: sdk.mk

29060043_2016680208590936_36926234558838
  • Facebook

© 2020 Аналитикум / Analitikum