Меџити за интерпелација за Груби и Османи: Ќе зборувам после 100-те дена

Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Изет Меџити, ниту ја потврдува ниту ја демантира информацијата што ја објави Фокус дека по завршувањето на стоте дена од формирањето на владата ќе поднесе интерпелација против министрите од неговата партија Артан Груби и Бујар Османи.


-Сега ниту потврдувам ниту негирам такво нешто. До завршување на првите 100 дена нема да се произнесам. Ќе зборувам по 100-те дена – изјави Меџити.


Како што веќе објавивме, Меџити и неколку пратеници и функционери, главно од ограноците од Чаир и Сарај, се спротивставија уште на номинацијата на Груби и Османи за членови на владата, па дури и не се појавија на Генералното собрание на кое се раправаше и гласаше за кадровските решенија.

Во меѓувреме, според неофицијални информации, разликите на оваа релација не се намалиле, туку напротив, само дополнително се зголемиле, бидејќи, меѓу другото, започнал процес на елиминација на луѓето блиски до Меџити, кои беа или требаше да бидат именувани на одредени функции.

Од тие причини, поранешниот градоначалник на Чаир и актуелен предводник на чаирскиот огранок во последно време не учествува во работата на парламентот, поради што дополнително се отежнува обезбедувањето на потребното мнозинство неопходно за кворум и гласање.

За да ја поднесе интерпелацијата, треба да се потпишат 5 пратеници. Доколку Меџити обезбеди поддршка од само уште двајца пратеници од ДУИ или од парламентарното мнозинство, тогаш интерпелацијата би требало да се изгласа, со оглед на најавите дека опозицијата би ја поддржала.


извор: fokus.mk


29060043_2016680208590936_36926234558838
  • Facebook

© 2020 Аналитикум / Analitikum