Македонија ќе дели државјанства на „жими мајка“!

Државјаните од поранешните југословенски републики, кои до независноста на 8 септември 1991 година живееле во Македонија, можат да добијат македонско државјанство само со изјави од сведоци, а не и со приложување пишани документи како доказ.


Оној што сака македонско државјанство, ќе треба да обезбеди изјави на кои било три лица што ќе сведочат дека барателот живеел на територијата на Македонија до 8 септември 1991 година или, пак, изјава на само едно лице што во тој период било жител или сѐ уште живее во местото во кое живеел барателот. Ова се дел од измените на Законот за државјанство што се разгледува во Собранието по скратена постапка на предлог на пратениците од Алијанса за Албанците и Алтернатива.


– Пред три дена пратениците ги прифатија овие предлог-измени на дневен ред и сега се чека текстот да биде разгледан од матичната собраниска комисија за безбедност и одбрана, па да биде усвоен – вели пратеникот Сурија Рашиди од АА за „Слободен печат“.


Трајанов: Не може без анализа


Овој предлог веќе предизвикува сериозни критики во јавноста затоа што не се бараат никакви писмени докази, туку државјанството ќе се стекнува со изјави од сведоци. Според пратеникот Павле Трајанов, ваков закон треба да се носи во редовна собраниска постапка, со детална анализа од Владата и со јавна расправа.


– Седум пратеници предложиле измена на Законот за државјанство по скратена постапка, без претходна анализа, со цел на повеќе од 70.000 граѓани со постојан престој во Македонија да им се признае македонско државјанство. При што, интересно е што со изјави од сведоци може да се докаже дека до 1991 година имале постојан престој во Македонија. Станува збор за законска материја која е регулирана со меѓународни конвенции, сите држави имаат ригиден пристап при признавање статус на државјанин на одредена држава, при што секаде се бараат идентични услови кои мораат да се исполнат. Треба да се проценат ефектите од една таква операција и што е најважно дали навистина има 70.000 граѓани без државјанство, кои пред 8 септември 1991 година престојувале најмалку 8 години во Македонија и сл. Во законот има и други решенија што се спротивни на меѓународните стандарди – вели Трајанов за „Плусинфо“.


На социјалните мрежи овој предлог-закон пластично се опишува како начин на кој сите жители на СФРЈ можат да си добијат македонско државјанство затоа што за таква работа нема да бидат потребни документи како докази, туку само еден локален или три нелокални сведоци. Како скандалозен во реакциите се оценува и предлогот, граѓанинот што ќе добие македонско државјанство „да владее најмалку еден од службените јазици во Република Северна Македонија, до тој степен да може лесно да се разбере со околината“.


Државјанство и за потомците на иселениците


Во законот е предвидена можност за државјанство и за потомците на иселениците.

„Можноста за добивање државјанство со природување му се дава и на иселеник на кој со досегашната примена, заради условите во законот, ова право му беше ограничено на законски минимум и постоеше правна пречка за негово остварување и од тие причини ваквата можност му се дава и на потомокот на иселеникот од прво и второ колено откако ќе ги исполни законските критериуми“, се вели во предложените измени.

Овие законски измени, како што е наведено и во самиот законски текст, се поврзани со претстојниот попис.


„Основна цел на овој предлог-закон е дорегулација на одредени прашања кои се наметнаа како реални, а за кои државата треба да изнајде законско решение со кое во претстојниот попис реално ќе се прикаже бројот на населението, домаќинствата и становите во државата. Со вака предложениот закон, сите одредби ќе се допрецизираат и ќе се отвори законската можност за реална слика за државјанствата во Република Северна Македонија“, пишува во законот.


Во врска со предложените измени, пред три дена реагираше и пратеникот Димитар Апасиев од Левица, кој тврди дека овој прелог на партиите на Зијадин Села и на Африм Гаши е пазар на албанската опозиција со владејачкото мнозинство за да се обезбеди кворум и да се изгласа дневниот ред на собраниската седница на која се изгласа одлуката на Владата за продолжување на кризната состојба до 30 јуни 2021 година.


Групата пратеници што ги предлагаат измените и дополнувањата на Законот за државјанство во образложението велат дека во постојниот закон на државјанин на Македонија му е дадена можност да има и државјанство на друга држава и со истиот закон е уредено дека тие лица во земјава се сметаат исклучиво за македонски државјани, ако со меѓународен договор не е поинаку определено.

Но, иако ваквата одредба е прецизна, велат предлагачите, сепак не била сеопфатна и во целост не ја отсликува моменталната состојба во државата затоа што не ги опфаќа оние што реално, до 8 септември 1991 година, живеат во Македонија, а биле државјани на другите републики во поранешната СФРЈ.

Оваа можност, велат седумте пратеници, им е ускратена на тие граѓани и затоа е потребно изменување и дополнување на законот, со кој ќе постои уште една законска можност за стекнување државјанство и на оние лица што ќе докажат дека до 8 септември 1991 година живееле во Македонија.


извор: slobodenpecat.mk

29060043_2016680208590936_36926234558838
  • Facebook

© 2020 Аналитикум / Analitikum