Корона не ги бие банките

За првите девет месеци од 2020, кога поради кризата од КОВИД-19 имаше период кога бевме сите затворени по дома, банките во Македонија ја зголемија добивката во споредба со истиот период во 2019 година. Во првите три квартали од 2020 година, или во периодот од јануари до октомври, 15 – те банки во земјава имале вкупна добивка по оданочување од 96,1 милиони евра или за два милиони евра повеќе од истиот период во 2019 година. ИЗВОР: НБМ


Ако се ѕирне во извештаите на НБМ за билансот на успех на банките ќе се види дека зголемената добивка во 2020 година се должи на подоброто работење на седумте средни и три мали банки. Петте големи банки, исто имаат добри и големи добивки, но тие се помали во споредба со 2019 година.

ИЗВОР: НБМ

Од Народната банка на Македонија (НБМ) велат дека во првите девет месеци од 2020 година, групата големи банки (види рамка) оствари пониска добивка од работењето (за 9,5% или за 492 милиони денари што се осум милиони евра), во споредба со истиот период од претходната година.


„Намалувањето на добивката на оваа група банки произлегува од релативно високиот раст на трошокот за исправка на вредност на финансиските средства и на оперативните трошоци, коишто во првите девет месеци од 2020 година забележаа раст само кај оваа група банки. Дополнителна причина за понискиот финансиски резултат на групата големи банки е и намалувањето на нето приходите од провизии и надоместоци, коешто, иако присутно и кај другите групи банки, сепак беше највисоко кај големите банки.“, велат од НБМ.


Висок трошок за исправка на вредноста значи дека банките, поради кризата се загрижени по прашањето колку граѓаните и фирмите ќе можат во иднина да ги враќаат кредитите, па затоа оставаат на страна повеќе пари, за да не ги загрозат заштедите од кои се финансираат кредитите.


Средните банки, во првите девет месеци од 2020 година имаа повисока добивка од работењето за 94 отсто или за 9,3 милиони евра, во споредба со истиот период од претходната година. Ова зголемување на добивката на оваа група банки е резултат на намалувањето на трошоците за исправка на вредност и на оперативните трошоци.


Значи, големите имале помала добивка во споредба со 2019 бидејќи ги укинале провизиите и надоместоците за своето работење, пред се за електронско банкарство. Така, овие пет големи банки во први девет месеци од 2020 од провизии и надоместоци имале добивка од 43,7 милиони евра или за 2,75 милиони помалку во споредба со истиот период лани. По оваа основа помали приходи имаат и средните и мали банки.

ИЗВОР: НБМ


МОРАТОРИУМОТ СИ Е ВЕЌЕ ПРОКНИЖЕН


Но, затоа големите банки имаат поголема добивка од камати. Ова е можеби е чудно бидејќи од април до октомври, значи во овие шест месеци, дури 44 отсто од граѓаните и фирмите ги одложија плаќањата на ратите од кредитите. Од камати банките собрале 183 милиони евра или за 675 илјади евра повеќе од истиот период претходната година.


Кај 53,9% од вкупните кредити на домаќинствата и 32,9% од кредитите на нефинансиските друштва е извршено привремено одложување на отплатата на обврските за кредитот


Сепак, од НБМ велат дека и во овие шест месеци, банките ги воделе овие рати како приходи и затоа нема пад кај оваа ставка.


„Банкарскиот систем засега солидно минува низ одделните фази од глобалната здравствена и економска криза. Во тешките услови на пандемијата, тој уште еднаш ја потврди отпорноста на шокови. Мошне е важно што кредитната активност на банките продолжи и во услови на неизвесност и криза, при олеснување на финансиските услови за населението и за корпоративниот сектор, за што голем придонес имаа мерките што ги донесе Народната банка. Со стапка на солвентност од околу 17%, ликвидна актива којашто учествува со околу 30% во вкупната актива, ниско учество на нефункционалните кредити од 3,4% и солидна профитабилност, банкарскиот сектор има капацитет да го поддржи закрепнувањето на економијата. Во таа насока изградените солидни и стабилни ликвидносни и солвентни позиции на банките се соодветни за надминување на очекуваните негативни ефекти од кризата и во периодот којшто следи.“ велат од НБМ.

Од Македонската банкарска асоцијација (МБА) велат дека од особена важност за стабилноста на банкарскиот сектор е што во овие услови ги одржа ликвидноста и солвентноста и 2020 година ја заврши со добивка. Тоа е многу важно заради потенцијалните ефекти од одложувањата на наплатата на кредити кои беа направени во текот на 2020 и неизвесноста на ефектите од пандемијата врз работењето на клиентите и нивната способност за сервисирање на обврските.


АМОРТИЗИРАН РИЗИК, ПОГОЛЕМИ ДОЛГОВИ


Всушност, со овозможување да се одложи исплата на каматите на кредитите, банките и монетарната власт го одложија ризикот од масовно неплаќање на кредитите. Сепак, не треба да се заборави дека на тој начин се зголемија долговите на граѓаните и на компаниите.


Ако се земе предвид дека лани, според податоците на Агенцијата за вработување, без работа останале над 52.000 лица и дека голем број бизниси, посебно од услужниот сектор денес се‘ уште едвај преживуваат, ризикот за неплаќање на зголемените долгови сега се префрла во 2021 година.


Најверојатно затоа НБМ дискретно им порача на акционерите да не го делат профитот, туку да го остават за резерва. Ова значи дека во случај да има зголемен процент на лоши кредити, овие пари би се употребиле за заштита на депозитите на граѓаните и на фирмите. Но, тоа не спречи дел од банките да исплатат дивиденда на акционерите.


СПИСОК НА БАНКИ СПОРЕД ГОЛЕМИНА

ГОЛЕМИ БАНКИ:

Комерцијална банка – Скопје Стопанска банка – Скопје НЛБ Тутунска банка Халк Банка Охридска банка

СРЕДНИ БАНКИ:

Шпаркасе Банка Централна коперативна банка Стопанска банка – Битола Прокредит банка УНИ банка Развојна банка на Македонија

МАЛИ БАНКИ:

Силк роуд Капитал банка ТТК банка

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Горан Теменугов Фотографија: Маја Јаневска-Илиева


извор: samoprasaj.mk

29060043_2016680208590936_36926234558838
  • Facebook

© 2020 Аналитикум / Analitikum