Колку плаќаат Македонците, а колку Европјаните за храна, струја, телевизор... Со плата помала од 500

Да се храниш, пиеш алкохол и да пушиш цигари во Македонија, мебел да купуваш во Босна и Херцеговина, во ресторан и хотел да претстојуваш во Бугарија, да комуницираш по телефон во Србија, а во Полска да се снабдиш со компјутер или телевизор.


Најисплатливо е апарати за домаќинство да купиш во Македонија, а во Романија да трошиш струја и гас. На шопинг по обувки и облека да одиш во Турција, но автомобил, велосипед или моторцикл да купиш во Бугарија, Црна Гора или Србија.


Да патуваш низ Македонија или Бугарија оти транспортните трошоци се најевтини, додека алкохол никако да не консумираш во Ирска, ќе ти остане џебот празен. Доколку се практикуваат овие параметри, тогаш дефинитивно ќе се оформи најштедливиот Европеец, поштедлив и од Шкотланѓанецот или пироќанецот.


Анализите се дел од статистиката која на интересен начин е обработена од страна на Евростат, а се однесува на широката потрошувачка, транспортот, користењето на услугите и енергенсите.


Дел од овие статистики е Македонија, која по повеќе параметри нашата земја заедно со Србија и Бугарија е една од евтините земји во Европа доколку се анализираат цените на храната и безалкохолните пијалаци, алкохолот и цигарите, но и апаратите за домаќинство кои, исто така се по промотивни цени.


Во земјава 44% од овие цени се пониски од европскиот просек. Кај нас има и евтини ресторански и хотелски услуги, но и транспортните услуги. Алкохолот кај нас е за околу 30% поевтин од цената на европскиот просек.


Спротивно од Македонија, Данска е најскапата држава во Европа, бидејќи цените за широка потрошувачка и услугите се за 40% повисоки од просекот на 27 земји-членки на ЕУ. По Данска во врвот се и Шведска, Финска и Луксембург, а по нив се Ирска, Белгија и Франција.


Меѓу државите-чкенки на ЕУ Бугарија е најевтина земја за живеење оти цените кај овој наш сосед се за 45% пониски од европските, а по неа следуваат Полска, Романија, Унгарија и Литванија. Најблиску до европскиот просек се Шпанија и Грција.


Цените, пак, во Словенија, Кипар, Малта, Чешка, Словачка и Португалија се за 15-20% пониски од европскиот просек



Во анализите на Евроста се опфатени 2.500 потрошувачки добра и услуги во 37 европски земји, од кои 27 се дел од ЕУ, три држави Исланд, Норвешка, Швајцарија се членки на ЕФТА, земји-кандидати за влез во ЕУ меѓу кои и Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија и Турција, како и Босна и Херцеговина.

Во Македонија храната и безалкохолните производи се доста евтини и тие се само 40% од европскиот просек, а тутунот е само 36% од европскиот просек. Но, кај нас не е се така евтино, бидејќи до европскиот просек се доближуваме кај облеката и обувките а плтите се повеќе од двојно помали од просекот во Европа.

Евростат анализира дека храната и безалкохолните пијалоци се најскапи во Норвешка и Шведска, а Данска е најскапа во рамките на земјите-членки на ЕУ. Ирска е земја рекордер по најскапи цигари и алкохол, додека најскапи се обувките и облеката во Финска и Шведска. Дефинитивно облеката и обувките се најевтини во Турција, а во рамките на земјите од ЕУ ова место е резервирано за Бугарија.

Анализите во делот на електричната енергија, природниот гас и горивата, мебел, апарати за домаќинство и електроника даваат поинаква слика, иако и во овој сегмент Данска е најскапа. Во делот на енергенсите Романија е најевтината европска земја, а по неа следуваат Србија и Македонија.

Земјава не заостанува според европскиот просек во однос на електрониката која се продава речиси приближно на европскиот просек. Во Хрватска цените на електронските производи како што се компјутери, телевизори, аудиосистеми, камери, фотографски апарати. сметачи и слично се поскапи за 5% од европскиот просек. Овие електронски апарати се најскапи во Малта, а најевтини во Полска и Бугарија.

Но, Малта е земја каде во Европа најскап е и мебелот и апаратите за домаќинство. Босна и Херцеговина пак, има најевтини цени на мебелот, а во Македонија се најевтини апаратите за домаќинство и тие се 80% од европскиот просек при плата коај е помала од 500 евра.

Просечни нето плати во Европа, 2019 година Во делот на автомобилите, превозните средства, како што се велосипедите и моторциклите, тие имаат најниски цени во Бугарија, Црна Гора и Србија, а транспортната опрема е најскапа во Данска и Норвешка, што пак, се должи на високите даноци.

Македонија заедно со Бугарија се две европски држави каде транспортните услуги се најниски, наспроти Малта и Норвешка и Малта каде тие се највисоки. Што се однесува пак, на цените на услугите за комуникација тие се најскапи во Шпанија, а најевтини во Србија. Анализите на туристичките услуги покажале дека најскапи се рестораните во Норвешка и Данска, а најпримамливи во Бугарија и Македонија каде се за 50% пониски од европскиот просек, но и во Црна Гора, Србија и Албанија.



извор: vecer.mk



29060043_2016680208590936_36926234558838
  • Facebook

© 2020 Аналитикум / Analitikum