Која банка од камати направи нето 60,7 милиони евра?


И втората од големите три банки лани во главен фокус ги ставила државните обврзници. Во нив вложила речиси 100 милиони евра наспрема 70 милиони евра во кредитни пласмани во фирми и домаќинства. Во корона година големите банки одеа на сигурно


„Стопанска банка Скопје“ лани, во корона кризата, ги зголеми нето приходите од камати за 1,7 милиони евра до ниво од 60,4 милиони евра, покажуваат официјалните податоци од билансот на успех за работењето лани на втората системска банка. Лани оваа голема банка значајно ги зголемила своите пласмани во државни хартии од вредност, а солидно ја подобрила и својата пазарна позиција во делот на кредитирањето. Добивката за 2020 година е 31,8 милиони евра што е за 6,7 милиони евра послаб резултат од претходната година. Но без разлика на падот на добивката, банката има фантастичен резултат и држи ниво со нејзините најголеми конкуренти „Комерцијална банка“ и НЛБ Банка Скопје.


Намалувањето на добивката на „Стопанска банка“ е резултат на комбинација од неколку фактори од кои за истакнување се следниве: на прво место тоа е зголеменото ниво на резервации кои на крај на декември лани достигнаа 15,65 милиони евра што е за 3,25 милиони евра повеќе од 2019 година. Значаен фактор е и намаленото ниво на останати приходи од дејноста кои во 2019 година биле 8,6 милиони евра, а лани паднале за 2,8 милиони евра и изнесувале 5,77 милиони евра. Значајна расходна ставка и лани се трошоците за вработените кои изнесуваат 14,17 милиони евра, за 340.000 евра повеќе од 2019 година.


Растот на нето приходи од камати лани е речиси комензиран со големиот пад на нето приходите од провизии и надоместоци кои заради пандемијата се намалени кај многу банки. Нето приходите од камати лани се 12 милиони евра и се намалени за 1,4 милиони евра.


Кредитите на коминтентите лани на крај на година достигнале ниво од 1,15 милијарди евра што е 73,2 милиони евра повеќе од претходната споредбена година. Сепак главен фокус на вложување лани бил ставен врз вложувањето во државни хартии од вредност. Банката лани вложила дури 98 милиони евра во хартии од вредност. Тоа е поголем износ на вложени пари, во апсолутен износ, дури и од инјектирањето во кредитни пласмани. Вкупниот влог во хартии од вредност лани изнесува 239,2 милиони евра и тоа е 70 отсто повеќе од претходната година. Билансите на „Стопанска банка Скопје“ и на „Комерцијална банка“ покажуваат дека двете најголеми системски банки во фокус го имале финансирањето на државните функции пред компаниите и граѓанството.


Значајно за истакнување и покрај тоа што во апсолутна вредност е мала ставка е вредноста на превземени средства врз основа на неплатени побарувања. Лани на 31 декември нивната вредност надмина 3 милиони евра, а 2019 била неполни 700.000 евра. Растот на превземените средства е четирикратен во однос на состојбата во 2019 година.


Депозити на коминтентите надминаа 1,4 милијарди евра, а тоа е за 61 милиони евра повеќе од претходната година.




извор: faktor.mk

29060043_2016680208590936_36926234558838
  • Facebook

© 2020 Аналитикум / Analitikum