КАРОЛИНА АСТЕРУД ВО 5 ТОЧКИ И 3 КЛУЧНИ ПОЕНТИ - ШТО Е ТЕХНОКРАТСКИ КОВИД ФАШИЗАМ

Професорката по право на УКИМ Каролина Ристова Астеруд, поранешна пратеничка од СДСМ, вечерва објави деталнo правно мислење за правни мерки во корона-пандемија, за граѓанските и човековите права, за непочитување на правосудниот систем кој е безгласен во целата ситуација, како и кршење на правниот парламентарно-демократски систем во име на мерките за справување со инфекцијата Ковид-19.

Нејзиниот пост ви го пренесуваме во целост:


„Сите нешто заговараат за кривична, прекршочна, ваква-таква одговорност, казни за сите оние кои не почитувале мерки, “негирале постоење на вирусот” (дали навистина тоа негираат повеќемината, или тоа што вирусот се преставува за тоа што не е?) , па за “ширење дезинформации “ (дали навистина е тоа, дали во секоја и станува збор и е свесно и намерно, или е проблематизирање и скептицизам за диспропорционалноста во реакцијата и мерките?), ама што правиме со следново:


Кои се’ политички и правни квалификации и санкции се релевантни, неретко за лица со позиција или професија која во/со себе вклучува јавни овластувања, има карактер на јавен сервис или друг облик на уставно определена улога, функција, овластувања и моќ, за оживотворување на уставниот поредок, со се и во однос на слободите и правата на граѓанството, а кои експлицитно, јасно, недвосмислено, сериозно и реално заговараат, повикуваат и/ли практикуваат:


1. “Во пандемија Уставот не важи, треба да се суспендира“;


2. “Во пандемија не важат човекови права (а и граѓански/државјански, дефинитивно се мисли и на нив), а “нивни евентуални повреди ќе се разгледуваат по завршување на пандемијата (?!?!)”, откога ќе бидат сторени, најверојатно мислат и на оние кои нема да може да се компензираат, по природата на нештата и нанесената штета ( цинизмот е со сета намера !);


3. Варијација и/ли дополнување на ова под бр. 2 е “пандемијата е како војна, не важи правото”, иако изгледа на заговарач(к)ите не им е познато дека војната е правно регулирана, ударно со т.н Хашко право и со т.н Женевско право, а повредите и санкциите се едни од највисоките во правната хиерархија;


4. Парламентот (Собранието), а општо и политичарите, не треба и не смеат да одлучуваат за “правилата и мерките”, и општи за сите и конкретни за поединци, туку за тоа треба исклучиво “здравствените власти” специјализирани за вируси и се’ деривативно од тоа, а секако и за се’ другото, за сите економски, правни, психолошко-психијатриски аспекти, за сите други здравствени аспекти, ма се друго познато како знаење, наука, искуство, вештина и занает, ма сите други природни, општествени и социјални науки и експертизи, со јасна импликација дека сите овие други облици на експертиза, исто така, се суспендираат како нерелевантни.


5. Варијација под бр.4 се барањата за елиминирање на избраната и институционализираната опозицијата, опозицијата воопшто, со се одземање и ограничување на слободата на говорот, во најекстензивна форма и надвор од сите воспоставени правни правила, правни стандарди и правни пракси за тоа пред - Ковид. Индикативно, (право)судството воопшто не се ни спомнува, најверојатно се смета дека самоабдицирало, а по екстензија, и самото граѓанство да адресира за се’ ова натаму т.е во тој институционален правец, како што се’почесто гледаме од споредбеното искуство.

Со други зборови, може ли една контраофанзива (политичка, правна, културна) во однос на оние кој веќе најотворено, недвосмислено, ептен апла и на ачик заговараат (или веќе практикуваат, со оглед на моќта и влијанието што неретко ги имаат):


а) укинување/суспендирање/умртвување на уставниот поредок во неговата целосност;

б.) целосно или делумно одземање и/ли ограничување граѓански и човекови слободи и права надвор од правните рамки за тоа “оти човекови права не важат во пандемија (?!?!) “ ;

в.) укинување на изборната парламентарна демократија, на парламентарна и институционализирана опозиција, на таа во рамки на политичкиот плурализам, како и на слободата на говорот и други сателит- слободи и права?


Севкупно, за експлицитно, недвосмислено, сериозно и реално заговарање (во одредени случаи и практикување на) технократски Ковид -фашизам и се’ што каузално го предизвикува во однос на државата, општеството и индивидуалното граѓанство?

Ова Е заговарање на нов облик фашизоидност или фашизам, несомнено екстремен облик и варијација на технократски авторитаризам, дури и ако и кога го заговараат како “привремен“, со логика на “сексање до пола” или варијација на таа и таква тематика и логика (ем се’ сексаш, ем си “сексуално невин”).


Но, треба да се потсетат, правото и правната пракса имаат солидна граѓа за потпирање во адресирањето и на ова, по аналогија на други вакви матрици (се’ е исто, каузата се менува, таргетираните се различни) и се’ другото што им е на располагање на горенаведените за справување, и тоа по сите нишани на владеење на правото во контекст на либерално -демократски правен поредок и држава, со се санкции , со се превенирање на конкретна штета и компензирање и/ли санкционирање на веќе нанесена. 


Да се немате дилема - тоа за “кога ќе помине, тогаш ќе гледаме дали има повреди и штети“, со се и најапла за слободи и на права на граѓанството, сето составено од живи и конкретни индивидуи , Е активно заговарање и поддршка на нанесување токму на такви повреди и штети, без криење, секако рационализирано и јавно оправдадувано со “нема човекови права во пандемија“.


Ако веќе апла си се кажува, без криење, треба ли се’ другото и следното да се (на)црта?!

Впрочем, имаме и пракса од пролетните месеци, но изгледа не наиде на многу отпор, правен и друг предизвик , и сега си се раскрилува и раскрилува .


И, не, не се залажувајте, за разлика од природните вируси кои се примитивни и немислечки форми на жив свет, без некоја агенда и поента ,без интереси, идеологии и вредносни матрици , овие се обратно од тоа, имено, ептен свесни и мислечки, а со тоа и далеку, далеку пожилави и поопасни, и бајаги подолготрајни.


Тоа што не се кријат веќе треба ептен, ептен да ве загрижува  и ептен, ептен да ве држи будни, претпазливи, со активирање и мобилизирање на сите и севкупни слободарски и либерално -демократски политички бели крвни зрнца што ги имате.


Не, не може веќе да се правда и припишува на тоа дека се наводно навлечени на афект и на страв, ниту се само склони кон паничарење и хипохондрија, ниту се само склони кон непропорционална драматизација - многу повеќе е од сето тоа .

И не, нема да заминат со короната и Ковид -19.“


извор: vecer.mk

83425208_113292373554260_678017133495032
29060043_2016680208590936_36926234558838

© 2020 Аналитикум / Analitikum