КАРАКАЧАНОВ ДО ЗАЕВ: Не, момче мое, сега ќе мешаш и ќе ги извадиш костените со твоите раце!


Вчера премиерот Зоран Заев ја обвини Бугарија за кршење на Договорот за пријателство испраќајќи непријателска порака. По овој коментар Каракачанов за бугарскиот Факти.бг изјави дека неговите колеги во Скопје не ги читаат договорите што ги потпишуваат.

„Ако кажете дека една земја го прекршила договорот со друга, ова е случај на војна. Оваа изјава на Заев уште еднаш ме убедува дека моите колеги во Скопје не ги читаат договорите што ги потпишуваат. Во член 2 од Договорот пишува: „Бугарската страна ќе го сподели своето искуство со цел да и помогне на Република Македонија да ги исполни потребните критериуми за членство во Европската унија и ќе ја поддржи Република Македонија да добие покана за членство во НАТО во согласност со релевантните одлуки“. Сепак, критериумите се утврдени во самиот Договор и тој не се исполнува од Скопје. Ние се обидуваме целосно да им помогнеме во исполнувањето на критериумите и повторуваме веќе две години и им кажуваме дека тие не работат според Договорот. Дека нивните учебници по историја, литература и географија не се променети три и пол години по потпишувањето на Договорот. Дека во овие учебници сè уште е всадена омраза кон бугарскиот народ и граѓаните на РСМакедонија имаат негативен став кон Бугарија. Дека нивните медиуми, без никаква причина, продолжуваат да спроведуваат антибугарски кампањи“, вели Каракачнов.

„Со само една декларација, еднострано од Скопје, во која ќе наведат дека ќе го почитуваат Договорот со Бугарија, тоа нема да се случи. Бидејќи практиката покажува дека тие постојано даваат изјави за добра волја, но всушност не прават ништо. Пред еден месец, на состанокот на нивниот министер Османи со министерката Захариева во Софија и во писмена форма, им објаснивме дека ако потпишат анекс на Договорот во кој ќе ги потврдат своите заложби во врска со историјата, јазикот, говорот на омраза можеме да постигнеме спогодба. Најверојатно во Скопје се водени од длабоко убедување дека некој – или во Германија или на друго место – ќе замавне со прстот кон нас и ние ќе чучнеме. И ние некритички ќе се согласиме, имајќи предвид дека Договорот не се спроведува од нивна страна, без да ги добиеме потребните гаранции дека тие немаат никакви претензии кон ниту едно малцинство, да им ја отвориме вратата на ЕУ. И кога денес уште еднаш ќе видат дека бугарската дипломатија изразува јасно и недвосмислено мислење дека во оваа ситуација нема да дадеме согласност, Заев ги изгуби нервите. И тука не е виновен Заев, туку е виновен неговиот министер за евроинтеграции, Никола Димитров. Тој е во основата на оваа заблуда во која е вметнат Заев – дека некој ќе ја заврши работата на Скопје и дека можеби нема да преговараат со нас, можеби нема да ги исполнат обврските од Договорот, бидејќи преговорите за ЕУ ​​ќе започнат во секој случај. Па, тоа нема да се случи!“ вели вицепремиерот.

Тој изјави и дека Хрватска и Словенија имале такви проблеми, и како две цивилизирани земји седнале, и се согласиле па така Хрватска станала членка на ЕУ. „Сепак, Македонија верува дека може да вози според старата балканска верзија – дека ќе најде патрон, како порано Белград, а сега Брисел и Берлин, и некој друг ќе ги извади костените од Бугарија. Не, момче мое, откако ќе го создадеш овој жар, сега ќе мешаш и ќе ги извадиш костените со твоите раце!“, рече Каракачанов за Факти.бг.


извор: vecer.mk


29060043_2016680208590936_36926234558838
  • Facebook

© 2020 Аналитикум / Analitikum