Изгор скапо е да се лекувате од ковид-19 дома!

Колку пари чини да се набават сите лекарства, суплементи и препарати за подобрување на имунитетот за болните од Ковид 19 кои се со полесна клиничка слика на домашно лекување? Граѓаните кои поминале 20 денови во домашна изолација со полесни симптоми, споделувајќи ги своите искуства за ,,Слободен печат” се децидни-домашното лекување чини многу пари, па покрај психолошкото оптоварување и неизвесноста која ја носи болеста, дополнително исцеден и оптоварен е и нивниот домашен буџет! – Само првата нарачка која вечерта доцна морав да ја направам по препорака на лекарите, чинеше безмалку сто евра. Во земја во која што сиромаштијата е на толку високо ниво, апелирам и замолувам ова да се земе предвид и да се помогне многу повеќе на сите на кои им е неопходна грижа и нега, особено за лекарства, суплементи и имунобустери. А бројките велат дека тоа се стотици илјади луѓе, вели Бојан Кордалов од Скопје.

Тој додава дека покрај првите мисли со кои секој кој дознава дека е позитивен треба дас е избори, после првичниот шок, страв и паника се дали има и финансии да ги набави сите лекови, суплементи и имунобустери кои лекарот ги дава.

– Исто така се грижиме и од кого да ги нарачаме, дали имаме кој да се грижи за нас во следните десет или дваесет дена, бидејќи некој мора да ги земе рецептите, тие физички се земаат. Некој треба и да ви носи храна вода, да врши други тековни раои за кои е потребно да излезете од дома во ситуација кога не смеете а реално и немате сила да ги извршувате.


Според лекарска препорака, набавив Изопринасин, витамин Ц, Д3, цинк, магнезиум, аспирин, сумамед, линекс форте, блокмакс, парацетамол, проафтол, спреј за нос, б комплекс и цената на чинење на овој иницијален пакет изнесуваше 100 евра. На ова секако е потребно да ги додадеме и другите основни намирници во борба со вируси како чаеви, сирупи за искачлување и така натаму, додава нашиот соговрник.


За сите пациенти кои се лекуваат дома во изолација, матичниот лекар препишува посебна терапија зависно од специфичниот случај, но заедничко за сите нив е што се користат голем број на витамини и суплементи за зајакнување на имунитетот. Најчесто кога еден член од семејството има коронавирус и некој друг се заразува, па така сите дози и сите медикаменти се двоен, па и троен трошок кој го празни паричникот.


Скопјанката Ивана Костовска посочува дека кога нејзиното семејство, односно сопругот и нивното бебе го прележале коронавирусот во август, тоа ги банкротирало.


– Матичниот лекар ми препорача еден куп витамини. Сите тројца дома се заразивме во исто време. Десет дена ме држеше вирусот. Како некој со секира да ми ја удираше главата, ме болеа мускулите. Два дена едвај до тоалет можев да станам. Чувството во носот ми беше како да сум седела во просторија каде истовремено 100 луѓе пушат цигари. Го загубив чувството за мирис и вкус но за недела дена ми се вратија. Правев инхалации со дексаметазон и физиолошки. Сопругот имаше температура 39 со 5, дијареа, малаксаност, а малото само еден ден температура. Завршивме во Козле, шест дена сумамед. Ако ги земам предвид и тестовите на приватно, заедно со терапиите дома за сите, изгор е.


Банкротиравме. Лековите се на товар на Фондот, но витамините не се. Бетаглуканот е 3.000 денари. Капки за нос 150. Спреј Флексоназе над 400 денари. По 3.500 денари плативме од човек за Д димери. А ако сакате оксиметар, е од 2.500 до 3.000 денари. Инхалатор е 2.500 денари. За витамините сите требаше да ги купам двојно, зашто ги примавме и јас и бебето. Во суштина за тој што нема финансии, е изгор, ни рече Костовска.


Во Македонија моментално во болница се лекуваат околу 700 од 10.700 активни случаи на коронавирусот. Сите останати се на домашно лекување, следени од нивните матични лекари со телефонски консултации. Епидемиолошката слика според последните информации од Институтот за јавно здравје укажува на тоа дека во земјава има широкораспространета локална трансмисија на вирусот, што значи дека освен помали кластери, вирусот е насекаде и тешко се следат контактите.


Надлежните власти воведуваат уште една рестрикција со која се надеваат дека ќе се симулира полициски час, а тоа е угостителските објекти да затвораат во 21 часот наместо во 23 часот како што беше досега.


Маската, дистанцата и честото миење на рацете остануваат главните оружја за справување со алармантната ситуација. Смртноста е висока, а анализите досега покажуваат дека тоа се должи на доцното пријавување на пациентите во болница, како и на тоа што вирусот е непредвидлив.


Сепак, најголемиот број од лицата што починале како што велат од ИЈЗ биле повозрасни и имале придружни болести како дијабетес или кардиоваскуларни болести.

извор: slobodenpecat.mk

83425208_113292373554260_678017133495032
29060043_2016680208590936_36926234558838

© 2020 Аналитикум / Analitikum