Има пад на извозот од зоните, но нема отпуштања на вработени, тврди Заев

Завршуваат инфраструктурните проекти во поголемиот дел од индустриските зони во државата со што создаваме услови за реализација на инвестициите. И покрај очекуваниот пад на извозот од зоните поради пандемијата, бројот на вработени останува константен, изјави денеска премиерот Зоран Заев при увидот на активностите за изградба на инфраструктура во ТИРЗ Скопје 2.

И покрај условите на пандемија и намален обем на испорака, потенцираше Заев, речиси сите работници во зоната ги задржаа работните места и придонесуваат во одржувањето на стабилноста на македонската економија.

Извозот од зоните на годишно ниво лани изнесуваше близу 2,8 милијарди евра, 40 проценти раст во однос на 2017, а во услови на пандемија согласно податоците до септември забeлежан е очекуван пад, но и покрај тоа позитивно е тоа што бројот на вработени останува константен. Во зоните низ државата 13.480 вработени работат активно на зголемување на продуктивноста, изјави Заев, пред капацитетот на „Герешајмер“, кои е во финална фаза на нивната инвестиција.

Тој најави дека до крајот на годината се очекува да се заокружи изградбата на инфраструктурата во технолошко индустриските зони во државава. Во ТИРЗ Скопје 2 во тек е изградба на комплетна инфраструктура: сообраќајници, водвод, атмосферска и фекална канализација, гасовод и улично осветлување на булеварот по улиците 1, 3 и 9. Станува збор за комплетна инфраструктура околу новите инвестиции во ТИРЗ Скопје 2, чии капацитети се во тек на изградба – инвестиција од 107 милиони денари.

Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Александар Младеновски ги претстави тековните инвестици во ТИРЗ Скопје 2 и најави дека по заокружувањето на тековните работи во зоните, веќе напролет ќе почнат со изведба на зоната Скопје 3.

 Генерално веќе се привршуват сите проекти во инфраструктурата. Во Прилеп е готова клучката, завршена е внатрешната инфраструктура, исто и надворешната, во Струга е завршена внатрешната инфраструктура, во Кичево се завршува, во Струмица е при крај терминалот и со тоа ја комплетираме комплетно зоната, а во Штип ќе почнеме со изведба на спојувањето со новиот експресен пат со Кочани. Со тоа генерално се завршуваат инфраструктурните проекти во сите зони во државата, рече Младеновски.


извор: lider.com.mk


83425208_113292373554260_678017133495032
29060043_2016680208590936_36926234558838

© 2020 Аналитикум / Analitikum