ХОМЕР, ХЕСИОД И ДРУГИ СЛАВНИ ЛИКОВИ ОД ХЕРАКЛЕЈА КАЈ БИТОЛА

Археологијата е можност да погледаме во длабочината на врмето пред нас. Можност за реконструкција на запишани и незапишани настани, како и можност за запознавање со нашите предци. Сепак, самото откривање и вадење од земјата на предмети од материјалната култура, споменици од минатото, не значи ништо доколку нив не ги лоцираме во времето од кое потекнуваат и општествениот амбиент во кој имале активна улога, не ги ставиме во контекст на нивното опкружување и не направиме опстојна и сеопфатна анализа. За жал, често се соочуваме, токму, со таков однос кон артефактите откривани при археолошките истражувања. Некогаш е навистина неразбирлив таквиот однос, особено, кога се работи за наоди од исклучително значење и со непобитна атрактивност. Токму такви се голем број предмети од минатото на античкиот град Хераклеја кај Битола. Такви, кои упатуваат на начинот на живот, за настаните и траумите со кои се соочувале некогашните жители на овој град, како и за нивната култура и културното ниво. За жал, многу од таквите споменици на култура не се наоѓаат во Македонија. Многу од нив ги среќаваме во странски музеи, како во Лондон, Париз, Њујорк, Белград, Софија и други градови низ светот. Тоа е резултат на големиот интерес на странските држави, собено моќните, за материјалната култура од Македонија и на развиената активност за прибирање на експонати и транспортирање во нивните музеи, но и на состојбата на непостоење на држава и соодветни македонски институции во периодот пред 1945 година. Во такви услови, од просторот на Македонија се изнесени огромен број културни споменици. Интересот за македонското културно наследство може да се мери со векови, па и милениуми. Познато е дека по римското освојување на кралството Македонија во Рим и други градови се однесени непојмливо голем број културни споменици од секаков вид.1 Во поновите векови, иако потрагата по археолошко и други видови наследство е актуелна и во средните векови, особено се засилува во 19 век. Познато е дека уште од самиот почеток на 19 век, во времето на францускиот император Наполеон Бонапарта, од Македонија се изнесувале бројни значајни културни споменици. Токму два такви артефакти изнесол еден британски дипломат и истражувач, Вилјем Мартин Лик, кој во британски музеј однесол две бисти – една со ликот на антички поет и втората на античкиот оратор Ајсхин.2

Античка Хераклеја


БИСТА СО ЛИКОТ НА ПОЕТ, ВЕРОЈАТНО ХОМЕР, ОДНЕСЕНА ВО МУЗЕЈ ВО ВЕЛИКА БРИТАНИЈА


 Познато е дека во музеј во Лондон се наоѓа една биста на поет за кого, некои научници, сметаат дека е славниот поет, авторот на двата најстари епови од Медитеранот, „Илијада“ и „Одисеја“, познат како слепиот поет Хомер. Поетот, кој преку своите дела не запознава со бурните настани поврзани со бронзениот период на Балканот и Медитеранот, со голем број народи, градови и личности од тоа време. Еден од најстарите поети, кој создал високоуметнички поетски дела со икслучително богатство од митолошко-историски содржини и ликови. За неговото идентификување, како и утврдувањето на неговото потекло се борат десетици народи и земји, а целосно не е разјаснета ниту енигмата на кој јазик и писмо ги пишувал своите дела. Според извесни пишувања на античките писатели, делата на Хомер ги собрал и уредил спартанецот Ликург, при едно негово престојување во мала Азија.3 Всушност, неговите епови се најстари пишани документи од овој дел од светот и поради тоа имаат големо значење за нас.

Хомер – VIII век п.н.е.- Од книгата Античките театри во Македонија од Т. Јанакивески


Бистата е пронајдена меѓу остатоците на античкиот град Хераклеја кај Битола, во првата деценија на деветнаесеттиот век, поточно помеѓу 1805 и 1809 година,4 и му е дадена како подарок на британскиот дипломат, воен набљудувач, информатор, но и истражувач, археолог, филолог, географ и историчар, Вилјем Мартин Лик од страна на Али Паша – Јанински со кого бил добар пријател и имале чести средби. Мартин Лик, во 1851 година бистата му ја предал на Британскиот музеј во Лондон.5


Присуството на оваа биста во античкиот град Хераклја кај Битола не упатува на фактот дек овој поет им бил познат на жителите на овој град, односно тие ги читале неговите дела и ги практикувале во културниот и образовниот живот. Таа е исклучителен документ за културната и образовната слика на животот на овој антички град, кој бил формиран во времето на Филип II Македонски6 и му било дадено името на епонимниот јунак на македонското кралско семејство на Аргеадите, Херакле.


БИСТА НА АНТИЧКИОТ ОРАТОР АЈСХИН, ПОДРЖУВАЧ НА ПОЛИТИКАТА НА ФИЛИП II


Британскиот дипломат Вилјем Мартин Лик ја добил како подарок и бистата со ликот на еден познат антички оратор Ајсхин7 (389 – 314 г.п.н.е.), кој живеел во 4 век п.н.е. и бил подржувач на политиката на Филип Втори, еден од најпознатите говорници, главен гласноговорник на Македонската партија во Атина, современик на познатиот атински говорник Демостен со кого бил противник поради наклоноста кон Македонците. Бистата претставува глава со неговиот лик со оформен врат и столбест дел со правоаголен пресек со натпис на предниот дел на кој стои името на говорникот. Тој бил особено почитуван од Филип II, а присуството на биста со неговиот лик во античкиот град Хераклеја кај Битола, говори за односот на жителите на овој антички град кон неговиот лик и неговото учење, како и почитта која ја имале кон него Македонците во античкиот период.  

Ајсхин (389 – 314 п.н.е.)

Ајсхин (389 – 314 п.н.е.)


Во 346 г.п.н.е. тој е во делагацијата од Атина составена од десет души, а во која се и Филократ (исто така, од Македоснката партија во Атина) и Демостен, која доаѓа во престолнината на Македонија, градот пела, каде е потпишан мировен договор со Филип Втори. Поради тоа, подоцна тој е осуден од Демостен. Во 330 година тој е осуден да плати глоба и бега на островот Родос, каде предава реторика, а потоа оди на осторовот Самос каде умира во 314 г.п.н.е..

Ајсхин – од бистата пронајдена во хераклеја – Од книгата Античките театри во Македонија од Т. Јанакивески


И АНТИЧКИОТ ПОЕТ ХЕСИОД НА СПОМЕНИК ОД МЕРМЕР ВО ХЕРАКЛЕЈА


Жителите на натичкиот град Хераклеја познавале уште еден од најстарите поети на Балканот, Хесиод. Уште еден антички поет, за кого некои сметаат дека живеел околу еден век по Хомер, а други дека тој е постар од него. Се работи за поетот Хесиод, кој напишал повеќе дела, но зачувани се само три. Првото дело е „Теогонија“ во која нѐ запознава со античката митологија, со имињата на античките богови и античката религија на овој простор, второто е „Дела и дни“ во кое се среќаваме со поучни стихови за принципите на однесување и работа и третото „Штитот на Херакле“ во кое пее за војните, за демоните  и ужасот на воените потфати.  Токму од неговото второ дело, во Хераклеја кај Битола се пронајдени два стиха врежани на еден кубичен постамент од мермер. Еве го преводот на тие стихови: „Гладот и неволјата никогаш не стигнуваат до главатарите кои праведно судат и плодовите од својата самопрегорна работа тие ги уживаат во изобилие.“ Тоа се стиховите 230 и 231 од епот „Дела и дни“ на Хесиод.8

Столб со стиховите од Хесиод во челниот дел и текст во централниот дел „На божицата на правдата“ од книгата Античките театри во Македонија од Т. Јанакивески


Од скромните податоци од античките изври се знае дека татко му на Хесиод живеел во Кима, населба на брегот на мала Азија, каде се занимал со поморска трговија, но подоцна се преселил во Аскра, на југоисточните падини на планината Хеликон. Веројатно е дека таму се родил Хесиод. Како поет, Хесиод учествувал на поетски натпревар во Халкида на островот Евбоја и добил Прва награданаграда троножец, кој го посветил на Хеликонските музи, за кои се сметало дека престојувале на планината Хеликон. Умрел во своето родно место Аскра. Подоцна, Аскра била уништена од соседните теспијци, па ѓителите се преселиле во градот Орхомен. Таму биле пренесени и моштите на Хесиод, кои имале особена почит кон него и неговите дела.


ВО ХЕРАКЛЕЈА СЕ ИГРАЛЕ И ДЕЛАТА НА АНТИЧКИОТ КОМЕДИОГРАФ МЕНАНДАР


Од мермерните споменици пронајдени меѓу остатоците на античкиот град Хераклеја кај Битола е и еден фрагмент од глава, која го носи ликот на најзначајниот автор на новата античка комедија, Менандар.9 Тоа упатува на фактот дека овој автор и неговите дела биле почитувани во овој антички град, односно, дека неговите комедии биле играни во неговиот театар. 

Фрагмент од глава со претстава на Менандар (343 – 291 п.н.е.) – Од книгата Античките театри во Македонија од Т. Јанакивески


Менандар е роден во 343 година п.н.е. во Атина, во угледно семејство од мајка Хегесистрата и татко Диопит. Вујко муу бил Алексид, кој исто така бил комедиограф и се смета дека Менандар од него ја учел комедиографската уметност. Бил пријател, а веројатно и ученик на филозофот Теофраст, а пријател му бил и Деметриј Фалеронски, кој управувал со Атина од 317 до 307 г.п.н.е. во име на македонското кралско семејство. Во песната „Ибис“ од Овидие запишано е дека се удавил во морето кај Пиреја, пливајќи и неговите сограѓани му подигнале надгробен споменик на патот од Пиреја за Атина. Овој споменик го забележал и античкиот автор Павсанија во своето дело „Водич по Хелада“.10 Како година на неговата смрт се наведува 291 г.п.не.


Менандар напишал стотина комедии и за него се вели дека пишувал ппо еднна комедија за секој празник, но целосно е зачувана само една, а од другите се зачувани само фрагменти.

Во Хераклеја имало споменици на многу славни личности од антиката – Од книгата Античките театри во Македонија од Т. ЈанакивескиОд античка Хераклеја.


1 Никола Шелдаров – Виктор Лилчиќ, Кралевите на античка Македонија и нивните монети во Република Македонија, Македонска цивилизација – Скопје, Скопје 1994, 110, 111. За изнесувањето на огромни богатства од македонија од страна на Римјаните известуваат голем број антички автори, како Аријан, Квинт Куртиј Руф, Јустин и др.

2 Христо Андонов – Полјански, Македонското прашање, Култура, Скопје 1990, 36. Томе Јанакиевски, Антички театри во Република Македонија, Завод за заштита на спомениците на културата, природните реткости, Музеј и Галерија – Битола, Друштво за наука и уметност – Битола, Битола 1998, 46, 47.

3 Плутарх, Споредбени животописи, Ликург и Нума Помпилиј. Д-р Милош Ѓуриќ, Историја старих Грка до смрти Александар Македонског, Наша књига, Београд 1955, 5.

4 Христо Андонов – Полјански, Македонското прашање, 36, 37.

5 Исто, 36.

6 Демостен, Филипики. Фанула Папазоглу, Македонски градови у римско доба, Жива антика, посебна књига I, Скопје 1957, 188. Томе Јанакиевски, Антички театри во Република Македонија, 41.

7 Христо Андонов – Полјански, Македонското прашање, 36.

8 Томе Јанакиевски, Антички театри во Република Македонија, 114. Весна Калпакоска – Аница Ѓорѓиевска,  Животот во Хераклеја преку епиграфските споменици, Завод, Музеј и Галерија – Битола, Битола 2003, 18, 19 и 25.

9 Томе Јанакиевски, Антички театри во Република Македонија, 27.10 Pauzanija, Vodič po Heladi, Logos, Split 1989, 19.


извор: pelagon.mk

29060043_2016680208590936_36926234558838
  • Facebook

© 2020 Аналитикум / Analitikum