Хаос во Статистика: На оглас за попишувач исто лице се пријавило во пет општини



Исто лице се пријавило во пет различни општини на јавниот повик за кандидати за попишувачи и инструктори, а на огласот на Државниот завод за статистика за претстојниот попис се пријавиле и кандидати кои се во редовен работен однос. Ова се грешки во списоците за пријавените кандидати за попишувачи и инструктори во сите 50 пописни реони кои ММС се обиде детално да ги провери, пишува ММС.


Исто лице, случајно или не, се пријавило во пет општини, во Охрид, Кисела Вода, Гази Баба, Центар и Карпош, додека на други кандидати имињата им се запишани по двапати на една листа.


Од Државниот завод за статистика за ММС велат дека секое лице може да се пријави за секој реон, а зависи од него каде ќе се тестира.

-Кога се пријавуваат повеќе од 6.000 лица на јавен повик, можни се вакви случаи, но тие се многу ретки, лесно се проверуваат и не го загрозуваат процесот. Секое лице може да се пријави за секој реон, а каде ќе се тестира зависи од него, велат од ДЗС.

Според правилникот на Државниот завод за статистика на конкурсот можеше да се пријават само лица кои немаат засновано работен однос, а како доказ се приложува писмена изјава дека не се вработени. Но, случајно или не, на листите има кандидати кои веќе имаат засновано работен однос кои сепак решиле да си ја пробаат среќата и да се пријават за попишувачи, односно свесно им го земаат местото на кандидати кои се невработени.

-Во однос на вработеноста/невработеноста, лицето не треба да има засновано однос и доказот е писмена изјава. Според Правилникот за селекција, доколку во процесот на проверка се утврди дека тоа е вработено лице, со него нема да се склучи договор за дело. Договорот се склучува непосредно пред почетокот на пописните активности што значи дека постапката за проверка е во тек, рекоа од ДЗС и нагласија дека за оние кои се пријавиле, а се во работен однос, ќе се направат дополнителни проверки.

Оттаму велат дека интересот за попишувачи и инструктори бил мал и во многу реиони недостасуваат попишувачи, а конечните списоци за реонски инструктори ќе бидат готови и ќе бидат објавени неделава. За попишувачите во тек е обработката на податоците и штом заврши тие ќе бидат објавени на конечна листа.


А, утринава партијата Левица објави дека не функцинирала апликацијата за самопопишување на дијаспората, односно личните податоци на граѓаните не биле заштитени.

-Повеќе македонски иселеници реагираа дека при обидот за внесување на матичен број добиле известување дека матичниот број веќе е внесен во апликацијата, иако прв пат се регистрирале. Ова претставува сериозен пропуст, затоа што се работи за лични податоци чиј пристап е заштитен со закон и било каква злоупотреба на истите претставува кривично дело, велат од Левица и ја прашаа Владата дали се обидува со фалсификување податоци вештачки да ја зголеми бројката на попишани лица поради слабиот одзив за попишување во дијаспората.

29060043_2016680208590936_36926234558838
  • Facebook

© 2020 Аналитикум / Analitikum