Гоце Делчев- географски Македонец, етнички Бугарин, роден во географската област Македонија?!


Дали Гоце Делчев ќе стане Бугарин роден во географската област Македонија? Подготвен ли е Заев да направи уште отстапки за да ги задоволи бугарските барања? Ова сценарио е реално според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски. Повикувајќи се на дипломатски извори од Министерството за надворешни работи, Милошоски вели дека последниот предлог на официјална Софија е дека премиерите, Заев и Борисов, за време на предвидената средба на 11 ноември во Бугарија, би требало да се согласат за нова дефиниција околу тоа што бил Гоце Делчев.


-Гоце Делчев е Македонец во регионална смисла на зборот, но во смисла на народно-етничката припадност Гоце Делчев е Бугарин роден во географската област Македонија”. (Оваа дефиниција потоа би се применила и на многу други историски личности, како Даме Груев, Никола Карев, Ѓорче Петров, Панко Брашнаров, Киро Глигоров и други), пишува на Фејсбук Милошоски.


Дека Бугарија ја уценува Македонија да се откаже од својата историја, односно да се откаже од своето постоење пред 1945 година, потврди и поранешниот бугарски амбасадор во државава Александар Јорданов. Според него Илинденското востание од 1903 година е настана во бугарската историја, во битието на Бугарите кои живееле на тие простори.


-За денешните Македонци, кои тврдат дека не се Бугари, тоа нема врска. Фактот што дел од востанието избувна на територијата каде што сега живеат, не го прави нивен настан. Архивските документи, како и старите весници, говорат дека нашите сонародници биле убивани и тероризирани од безродници. Тоа биле главно комунисти и србомани. Денешните Македонци постепено ќе ја научат таа вистина, вели Јорданов.


Дека македонската Влада е подготвена на сериозни отстапки предупреди и лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски. Тој вели дека Заев уште во 2016-та година, пред да дојде на власт, ветил дека ќе го промени уставот на Македонија. Според него, резултат на овие ветувања е бугарскиот меморандум, каде се оспоруваат македонскиот јазик и нација до 1945 година.


Околу ваквите тврдења на Мицкоски, од Бугарија не демантираат, на прашање на Алфа од бугарското МНР кажаа дека не сакале да коментираат. А конкретен одговор не дава ни Заев, не сакал да наштети на процесот, велејќи дека Владата правела се за заштита на нашите интереси, но водела сметка и за бугарските.


Инаку премиерот како да почна да подготвува терен за отстапките кон Бугарија. Македонскиот херој Гоце Делчев, за Заев веќе стана заеднички.


-Одличен мегдан е нашиот заеднички историски јунак, Гоце Делчев, изјави Заев.

-Да го немаше Гоце, ќе требаше да го измислиме, да биде мост на пријателство меѓу двете земји, изјави Заев.


Според Милошоски токму подготвеноста за вакви сериозни отстапки е една од причините зошто Заев одбива собраниска и политичка- лидерска дебата околу националните позиции на Македонија во однос на Бугарија.


Матеја Петровски alfa.mk



29060043_2016680208590936_36926234558838
  • Facebook

© 2020 Аналитикум / Analitikum