Филипче вели нема нови мерки оти воведените давале резултати, а смртноста била висока во цела Европа

Министерот за здравство, Венко Филипче смета дека нема потреба од дополнителни мерки и дека овие кои се воведени, односно задолжителното носење маска и на отворено, забрана за групирање... даваат резултати. На денешната прес-конференција, Филипче рече дека се правела анализа на бројките и дека високата смртноста не е само кај нас, туку и во цела Европа. „Пред една недела имаше најголемата бројка на случаи и тогаш го достигнавме пикот. Последниве неколку дена има помал број на дополнително ангажирани кревети, за разлика од минатиот период. Сметаме дека нема потреба да се препорачува ништо. Полициски час по 21 часот нема да донесе ништо, бидејќи во овој период е ладно и нема луѓе, кафеаните не работат и практично градот е празен. Има забрана за групирање и мора мерките да се почитуваат. Критично е во Куманово, Штип, Прилеп, Битола, Скопје...", рече Филипче. Во врска со барањето на градоначалникот на Прилеп за воведување на карантин во градот, министерот Филипче посочи дека утре ќе има средба во Прилеп и ќе се донесе одлука. „Во однос за барањето во Прилеп, епидемиолозите сметаат дека засега нема потреба од полициски час. Но, утре сепак ќе имаме средба и ќе видиме. За сега е се добро изменаџирано таму, и кревети и кадар. Но, сепак утре ќе се разговара повторно", појасни Филипче.

За високата смртност Филипче вели дека тоа не е тренд само кај нас, туку насекаде во Европа.

„Смртноста е тренд не само кај нас, туку и секаде во Европа. Направивме анализа, има пациенти со хронични болести на кои и покрај сите мерки, не може да им се помогне. Имаме работа со непредвидлива болест и необјаснива ситуација и цела лепеза на клинички слики. Мора да се внимава со лековите, матичните лекари постапуваат според клиничка слика или состојба. Во болничките установи станува збор за организирана работа на сите институции, но има пациенти кои имаа различна клиничка слика и остава простор за еден пристап кој значи лекување според клиничката слика. Анализите се менуваат секој ден и лекарите се координирани. Повикот со дежурства на матичните лекари во инфективните одделенија е нешто што долго време го предлагаме, но мора да бидеме внимателни и со тоа", додаде Филипче.

За тоа дали може роднини да ги посетуваат заразените пациенти во целосна опрема, министерот вели дека внимателни се и лекарите и медицинските сестри, бидејќи секое влегување кај пациентите е ризик.

Обично семејствата биле во болница секогаш до сега кога било потребно, но ова, вели Филипче е патологија во која мора да бидеме внимателни.

За случајот со Битола каде починати и живи пациенти беа сместени во иста просторија, Филипче посочи дека ДСЗИ го испитува и се спрема извештајот.

„Се подготвува и дополнителен стручен надзор за уште 9 починати пациенти. Не е точно дека нема слободни кревети и кислород. Секој пациент кој има потреба од кислород, тоа го добива", дополни Филипче.

извор: mkd.mk

29060043_2016680208590936_36926234558838
  • Facebook

© 2020 Аналитикум / Analitikum