Европска агенција за животна средина: Македонија со најштетни последици по здравјето од загадувањето

Последниот извештај на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) покажува дека аерозагадувањето и натаму претставува најголема еколошка опасност по здравјето, а Северна Македонија и другите земји од регионот конзистентно покажуваат лоши резултати во анализите за последиците врз здравјето на граѓаните, јави дописничката на МИА од Брисел.


Албанија и Босна и Херцеговина бележат најлоши резултати во делот на смртни случаи поради животната средина и се наоѓаат на дното на скалата од вкупно 37 рангирани земји. Албанија е на последно место со 172 смртни случаја на 100.000 лица додека Северна Македонија е на 29. место со 120 смртни случаи на 100.000 жители. Полошо рангирани од нашата земја се уште Романија, Бугарија, Унгарија, Црна Гора и Летонија. Со рангирањето се опфатени 37 земји од кои 28 се членки на Европската Унија (ЕУ), пет земји од Западен Балкан без Косово за кое агенцијата нема податоци и четири земји од Европската економска област (EEA).


Бројките на ЕЕА покажуваат дека постои драстична разлика на квалитетот на животната средина меѓу Источна и Западна Европа, па така на Исланд, кој е на врвот на скалата, прерани смртни случаи поради состојбата со животна средина изнесуваат 35 на 100.000 жители. Шведска, Норвешка и Швајцарија, исто така, котираат при врвот.


Во извештајот се пресметани сите еколошки фактори: загаденост на воздухот, на почвата и на водата со хемиски и со биолошки агенси, но и звучното загадување и електромагнетните полиња, влошување на еко-системите, ултравиолетови и јонски радијации, ризици поврзани со работното место, земјоделските методи, како и личниот однос кон животната средина и хигиената, како што е миењето раце и прехранбени производи.


Според анализата на Агенцијата, 90 отсто од смртните случаи поврзани за животната средина во Европа се незаразни болести како ракот, кардиоваскуларни болести, ментални и невролошки пореметувања или, пак, астма.


Штетната животна средина во Европа од воздушното и звучно загадување, со климатските промени и употребата на опасни хемикалии придонесуваат, се причина за секој осми смртен случај според Агенцијата.


Во контекст на пандемијата со Ковид-19, преземањето на конкретни чекори станува приоритет за ЕУ, со оглед дека огромен дел од опасноста врз животната средина доаѓа од човечката активност.


– Ковид-19 е уште еден потсетник кој силно нѐ освестува за односот меѓу нашите еко-системи и нашето здравје и потребата да се соочиме со фактите. Начинот на кој живееме, конзумираме и произведуваме е штетен за климата и негативно се одразува врз нашето здравје, изјави еврокомесарката за здравство, Стела Кириакидес, по објавувањето на извештајот.


Еврокомесарот за животна средина, Вирхиниус Синкевичиус, се осврна и на штетните последици врз најранливите групи во населението.

– Секој мора да разбере дека со грижа за нашата планета, не само што ги спасуваме нашите еко-системи, туку и живот, посебно оние на најранливите, рече комесарот, со оглед дека овие лица се и најпогодени.


Аерозагадувањето е најголемата закана по здравјето на Европејците, со 400.000 случаи на предвремена смрт, а на второ место е звучното загадување. Јасно е дека источна Европа е посебно погодена од загадувањето, а Босна и Херцеговина има највисока стапка на смрт поради загадување – 27 отсто, наспроти деветте отсто на Исланд и во Норвешка.

Најсиромашните слоеви на населението се најпогодени и носат троен товар – сиромаштија, лоша животна околина и слабо здравје.


Извештајот препорачува поинтегриран пристап меѓу политиките за животна средина и здравствените политики, со посебна заштита на најранливите групи и размножување на зелени решенија посебно во урбаните средини: повеќе паркови, места за релаксација, за физичка активност и социјална интеграција. 


извор: slobodenpecat.mk

29060043_2016680208590936_36926234558838
  • Facebook

© 2020 Аналитикум / Analitikum