Дојде време за најважниот натпревар во историјата на фудбалска Македонија!

По долго чекање, фудбалската репрезентација на Македонија дојде во позиција да игра за историја – место на едно Европско првенство. Грузија е последната пречка на патот кон континенталниот собир за кое долго време Пандев и дружината сонуваат, а во Тбилиси ќе треба да се одигра меч до перфекција за место во групите.

Патот до плеј-офот водеше преку новоформираната Лига на нации на УЕФА. Во рамки на ланското издание во Лигата Д, Македонија беше подобра од Ерменија, Гибралтар и Лихтенштајн, а по неколку одложувања, успеа да слави и во полуфиналето против Косово во Скопје кое се одигра без публика како превенција од ширење на ковид-19. Сега следи последната пречка, тоа е селекцијата на Грузија, која повеќе не е енигма, затоа што против неа се одиграа две средби.

И во двата натпревари Македонија дојде до реми со идентични 1:1 и тоа по негатива, а интересно е што и на мечот во Скопје и на мечот во Тбилиси во рамки на новото издание на Лигата на нациите остана со човек помалку. Грузија се покажа дека не е така „страшна“ и незгодна, па сонот за Европско првенство конечно може да стане реалност.

Игор Ангеловски не направи измени во тимот, ги повика веќе стандардните играчи во екипата, а ќе може да смета на Ељиф Елмас кој поради ковид-19 мораше да го пропушти полуфиналето. Но, тој меч е минато, сега се гледа кон иднината. Мали грижи создава повредата на Аријан Адеми, кој се пожали на болки во квадрицепсот пред последниот лигашки меч на Динамо Загреб. Но, „моторот“ во нашиот среден ред ќе допатува во Скопје на детални лекарски прегледи, па дополнително ќе се утврди дали тој ќе може да игра во Тбилиси. Ангеловски негува формација 3-5-2, но поради проблемите со минутажата на Стефан Ристовски (префрлен во Б-тимот на Спортинг) и Езџан Алиоски (резервна опција во Лидс Јунајтед) прашање дали ќе се одлучи да тргне на ист начин како на претходните натпревари и против Грузија, или ќе менува. На првата пресметка во Тбилиси, Македонија играше со четири бека, додека на мечот во Скопје, кој беше увертира за овој дуел, Ангеловски избра тројца напаѓачи, но не веруваме во такво коцкање на овој клучен меч. Еден проблем има и Владимир Вајс, словачкиот стратег на кормилото на Грузија, затоа што нема да може да смета на Георги Чакветадзе, еден од најдобрите играчи, кој настапува за белгиски Гент, но е повреден.

Како за Македонија, така и за Грузија, овој натпревар е од историско значење – и оваа селекција нема играно на Европските првенства. Домашниот терен е мала предност за ривалот, ама Македонија покажа дека е зрела и дека повеќе ги нема оние „детски болести“ на гостувањата.


извор: gol.mk

29060043_2016680208590936_36926234558838
  • Facebook

© 2020 Аналитикум / Analitikum