Димитар Илиевски – Мурато, битолчанецот кој сакаше да ги допре ѕвездите, да го дофати небото

Димитар Илиевски – Мурато, битолчанецот кој сакаше да ги допре звездите, да го дофати небото, затоа и тргна кон височините!

Роден е на 21.09.1953 година во Битола каде и ги започнува своите први спортски активности. Најпрвин со борење, потоа со џудото, за на крај сета љубов да ја насочи кон планинарството и алпинизмот.


Во Планинарското друштво „Пелистер“ се зачлени во 1968 година. Уште со првото искачување на Пелистер ги засака и целосно освои нејзините непрегледни предели и убавини. Потоа немаше застој. Тргна кон нови предели, нови предизвици Другарува со повеќе свои истомисленици и започнува да се искачува најпрвин на сите врвови на Балканот, потоа на Алпите, за преку Андите да сонува за освојување на највисокиот планински масив Хималаите.

Најпрвин тргнува кон Манаслу, а потоа и на покривот на светот Монт Еверест (8848м). Занесен од својата преголема љубов кон височините на 10-ти Мај 1989 година, кога се искачи на врвот, не успеа да го втисне во себе воодушевувањето и крикот на срцето дека ја постигна својата цел. Остана засекогаш на Хималајските беспатија, оставајќи ги зад себе родителите, сопругата и двете деца, пријателите, планинарите…

Токму тие, планинарите од неговиот матичен планинарски клуб , ПСК Пелистер, во негова чест, секоја година го организираат традиционалниот марш наречен по неговото име, вградено во вечноста, Димитар Илиевски – Мурато, како прв Македонец што освои највисокиот врв на светот.


Успехот и примерот на Диме – Мурато стана повод за собирање итрадиционален марш на голем број на планинари од земјата и околните држави, кои на тој ден доаѓаат во Битола, а потоа се искачуваат на врвот Пелистер, каде што се присеќаваат на својот другар и идол.

Триесет години од смртта на Димитар Илиевски – Мурато и триесет години на меѓусебно дружење, исполнето со љубов кон природата, планините и највисокиот врв на светот – Монт Еверест. Зарем тоа не е целта на човештвото, да се зборува на еден заеднички јазик – јазикот на срцето, па да стигнеме во прегратките на Творецот кој ги создава и стапалата на алпинистот и највисокит врв на светот, а истовремено е и највисоката реалност.


САМО НЕБОТО Е ПОВИСОКО!

Ѕвезда со вечен сјај


Сакаше да ги допре звездите, да го дофати небото, затоа и тргна кон височините. Но само небото е повисоко од нив, а височините се вечност над која ѕвездите го отсликуваат својот сјај. Тој сепак ја постигна својата цел, се искачи на височината и посегна по сјајот на звездите и се вброи во нивната вечност. Зад него останаа многу копнежи, многу постигнувања и искачувања, непрегледни ливади, надојдени води, а пред се – тишина во која се слуша само ритамот на срцето. Затоа и стана симбол за многу генерации, негови истомисленици, негови сонувачи. Предизвик за нови потфати и дострели кон звездите, кои не секогаш мораат да имаат потемен сјај. Во тоа како да се вгради и неговата порака – да се посегнува по она што е само дофатливо, а за останатото само да се сонува. Секогаш. Тој стана симбол и незаборавник, кој со својата убов го вткаи името во вечните сонувачи по височините.


ПСК Пелистер


извор: babambitola.mk


83425208_113292373554260_678017133495032
29060043_2016680208590936_36926234558838

© 2020 Аналитикум / Analitikum