ДЕТСКОТО ОДМОРАЛИШТЕ НА ПЕЛИСТЕР ПЕТТА ЗИМА НЕ РАБОТИ, ВЛАСТА ВЕТИ, НО НЕ ГО РЕНОВИРА



Џагор не го наполни Детското одморалиште „Пелистер“ ни овој зимски распуст. Пандемијата не е единствениот проблем. Ова е петта зима како одморалиштето има клуч на вратата. Половина деценија објектот не работи и во него не се вложува.


Од 2008 до 2015 година одморалиштето во четири наврати се продаваше, но не се пријавија заинтересирани купувачи. Потоа, не се реновира и покрај ветувањата, а денес објектот е само нем споменик на култното детско сврталиште каде голем дел од децата во државата ги минаа првите самостојни летувања и зимувања.


„Болно е да се гледа како објектот на нашата младост е безживотен. Тепачка беше пред триесетина години да се запишеш во втора смена за летување на Пелистер. Тука се формираа душтвата, се доживуваа првите љубови, маскенбали, игранки. Преку лето се учевме да ја сакаме планината и пешачењето, а преку зима скијањето. Денес нема каде да ги пуштиме децата на летување или зимување да се осамостојат, а сепак да ни бидат на чекор до дома“, вели битолчанецот Благојче Китановски.


„Пелистер“ е под надлежност на Министерството за труд и социјална политика од каде за дигиталната редакција на САКАМДАКАЖАМ.МК одговорија дека по завршување на пандемијата планираат пак да работи.


„Во однос на стратегијата за во иднина, односно по завршувањето на пандемијата, Проектот за користење услуга за одмор и рекреација на деца од семејства во социјален ризик и деца корисници на посебен додаток ќе продолжи. Овој проект од страна на Министерството, поради заштита од ковид-19 не се реализираше во лето 2020 и зима 2021 година“, велат од Министерството.


Од таму не најавуваат планови за продажба за што, според законските одредби, одлука носи Владата.


Нефункционалноста на Детското одморалиште во изминатиот период беше тема за препукувања меѓу политичките партии. СДСМ во 2016 ја критикуваше власта дека во повеќе наврати се обидела да го продаде, наместо да го реновира. ВМРО-ДПМНЕ лани саркастично сечеше црна лента пред објектот зашто сегашната власт не го обнови, а независната партија Поинаку стави макети од дечиња за да асоцираат на некогашната посетеност на одморалиштето.


„Пелистер“ е едно од петте одморалишта во земјава врз кое Министерството за труд и социјална политика има корисничко право. Такви се уште одморалиштата „Малешево“ и „Суви Лаки“ во Берово, „Николиќ“ во Дојран и „Мајски цвет“ во Струга, а во негова сопственост е „Бунец“ од Гостивар. Други одморалишта врз основа на владина одлука се дадени во сопственост на Општините и Град Скопје.


Ж. ЗДРАВКОВСКА



извор: sdk.mk

29060043_2016680208590936_36926234558838
  • Facebook

© 2020 Аналитикум / Analitikum