ДЕБАТА – ДИНЕШ Д’СОУЗА VS БАРТ ЕРМАН: Постои ли Бог, а ако постои, зошто има толку многу страдања?

Ова е вториот дел од дебатата меѓу двајца врвни светски експерти за Библијата (подоле го пренесуваме линкот од првиот дел, односно излагањето на д-р Барт Ерман кое го пренесовме вчера и видеото од целата нивна дебата одржана пред неколку години). Прашањето за кое дискутираат е дали постои Бог и, ако постои, зошто тогаш во светот создаден од него, има повеќе страдања отколку добри нешта.


Д-р Динеш Д’Соуза е роден во Бомбај, поранешен претседател на Кралскиот колеџ во Њујорк, поранешен политички аналитичар во Белата куќа, автор на бројни бестелер книги на Њујорк Тајмс, коментатор на Си-Ен-Ен и Фокс Њуз, политички ангажиран во времето на Роналд Реган, автор на неколку документарни филмови. Според њујоршки Тајмс, еден од највлијателните конзервативни политички аналитичари…


Д-р Барт Ерман, професор по религиски студии на Универзитетот во Северна Каролина. Автор на десетици книги за Новиот завет и раното христијанство, автор и уредник на бројни книги, од кои некои се на листата на првите пет бестселери на Њујорк Тајмс (на пример, „Исус тоа не го кажа“ – научна студија трнсфорирана во приказна за тоа кој ја менувал Библијата и како) и еден од најпризнатите научници кога станува збор за Новиот завет, неодамна поканет од грчката Влада (и платен за тоа) да држи предавања на оваа тема, со посебен нагласок на историскиот Исус, христијанските апокрифи итн. Себеси се претставува како човек кој го минал патот од „христијански фундаменталист“ до скептик кој не верува во Бог од Библијата.


Подготвил: Дарко Јаневски


ДИНЕШ Д’СОУЗА: Добро вечер: ќе започнам со тоа дека проблемот со страдањето и не е прашање за атеистите и агностиците. Ова прашање е битно за тие кои веруваат. Бидејќи за атеистите страдањето не е проблем. За нив Бог не постои и тоа е светот таков каков што е. Но, за тој кој верува во Бог, секогаш постои прашањето зошто тој дозволува светот да е таков каков што го имаме и живееме?


Бог а архитект, го создал светот ваков и, хмм, ние мислиме дека можел тоа да го стори подобро. Оттука првиот проблем што го имаме, не како христијани, туку како луѓе што размислуваат, е која е нашата позиција да пресудуваме за архитектурата на универзумот? Со други зборови, пред да се впуштиме во објаснување на нешто, треба да се запрашаме дали ги имаме адекватните факти за донесеме одлука. Ако некој се појави и каже – „еве купиште индиции, не ги гледај, но кажи ми кој е убиецот – нормално дека ќе кажете „не можам“ бидејќи не знаете што тие значат. Ако видите во автомобил оставено дете, мајката никаде ја нема, а надвор е жешко, што ќе кажете? Дека мајката е личност која не се грижи за детето и треба веднаш да биде уапсена? Не! Бидејќи не ја знаете мајката. Таа можеби имала итна причина да отрча на друго место, можеби сопругот и е во маркетот и има срцев удар. Затоа се повлекувате, бидејќи не ги знаете сите околности. И ете не тука, ние сме човечки суштества во универзумот, но со оглед на тоа што ги немаме сите адекватни факти, дали навистина сме во позицијата да кажеме дека Бог можел да стори подобро и повеќе? Тоа е прашање за кое вреди да се размисли. Дали ние имаме таков компас, таква способност да просудуваме или повеќе сме како мравка или куче на кои им е даден некој проблем од алгебра. Не дека решението на проблемот не постои, но ниту мравката, ниту кучето имаат капацитет да го решат, зашто не им е дадена способност да се справат со тоа прашање. Тие не се во позиција да ги имаат адекватните податоци за да имаат адекватен одговор.


Кога зборуваме за проблемот на злото, за проблемот на страдањето, според мене, тоа не е прашање за тоа дали постои Бог. Можете да кажете дека тоа е проблем за карактерот на Бог. Луѓето често велат дека во светот има толку многу страдање што навистина се сомневаат дали постои Бог кој би дозволил такви нешта. Но, да замислиме за момент дека имам татко кој е многу моќен, кој има неограничени ресурси, да кажеме дека татко ми е Бил Гејтс, и да кажеме дека јас го доживувам него како грижлив татко, во исто време и како многу моќен човек кому му се обраќам кога имам проблем. И тогаш се појавува навистина сериозен проблем во мојот живот, јас се свртувам кон татко ми, велам помогни ми, а тој не сака. Тој не го прави тоа. Што ќе заклучам – дека татко ми не постои? Не, но можеби не е таков каков што сум мислел дека е. Со други зборови, можеби треба да го преиспитам моето мислење за неговиот карактер. Не го доведувам во прашање неговото постоење. Според мене, една од битните работи во Книгата на Јов е дека нема бегање од страдањето. Во христијанството нема бегство од страдањето. Во христијанството на страдањето му се гледа директно в лице. И што е интересно во Книгата на Јов, многу луѓе шпекулираат за тоа зошто постои страдањето, но во Книгата никој не го доведува прашање постоењето на Бог и покрај тоа што страдаат. Јов не вели Бог не постои. Страдањето не го доведува до таков заклучок.


Негирањето на Бог, на неговото постоење, е модерен феномен.

Кога зборуваме за страдањето, за злото, мора да направиме разлика меѓу моралното зло од една страна и природното страдање од друга. Моралното зло е чинење лоши нешта од луѓето. Се разбира, другата страна е страдањето предизвикано од природата. Нема да го наречам природно зло, бдејќи нема ништо зло во цунамито. Тоа не е зло само по себе. Тоа предивикува штети и жртви, но попрво ќе го наречам природно страдање, наместо природно зло, бидејќи не е создадено од луѓето.


Оттука, ако зборуваме за моралното зло, создадено од луѓе, мислам дека тоа влегува во рамките на теоријата за слободна волја. Факт е дека ако Бог ви дал слободна волја, вие ќе мора да одберете помеѓу доброто и лошото, помеѓу доброто и злото. Ако сте ја отстраниле слободната волја, сте ја отстраниле можноста да се избере. Тоа не не прави нужно роботи, но во одредена смисла не отчовечува. Луѓето кои немаат можност и способност да избираат меѓу доброто и лошото ги нарекуваме псхопати, социопати, луѓе кои се помалку вредни од другите бидејќи ја немаат можноста да изберат. Затоа, кога луѓето зборуваат за хорорите како тој во Руанда или за Холокаустот или полињата на смртта во Камбоџа – дали Бог ги сторил тие нешта? Не, туку луѓето. Не го обвинувајте Бог за Холокаустот. Тоа беа Хитлер и нацистите. Чија вина се полињата на смртта во Камбоџа? На атеистот Пол Пот и неговите Црвени Кмери кои убија два милиони луѓе. Луѓето прават ужасни нешта и тоа е во смисла на товарот што го носат, во смисла на можноста да избираат. Тоа е слободната волја која носи и одговорност. Ќе се вратам и ќе зборувам за слободната волја во рајот, но генерално, може да се објаснува злото како резултат на тоа што Бог не креирал по своја слика, што би значло да сме слободни како него, во одредена смисла ко-креатори на условите во универзумот и тоа ни дозволува да си правиме ужасни нешта едни со други.


Но, тогаш Барт Ерман вели дека тоа не е крајот на приказната. Зошто се случуваат ужасни нешта со кои луѓето немаат никаква врска – цунами, урагани, природни катастрофи кои, може да се каже, доаѓаат, од законите на природата. И Барт вели, ако Бог е семоќен, тој може да интервенира. Всушност, може да се запрашате зошто воопшто постојат законите на природата? Ако нема закони на природата, нема земјотреси, нема цунами, нема урагани. Зошто Бог креирал универзум базиран на закони? Има луѓе кои велат дека не креирал. Една муслиманска школа вели дека нема закони. Според таа школа, Бог интервенира во секоја секудна, за работите да се одвиваат така како што се одвиваат. Алтернатива на универзумот без закони е универзум во кој Бог интервенира и ниту една работа не мора да се случи два пати. Ако го фрлите пенкалото, тоа ќе падне, но следниот пат не мора да оди надоле, нема да падне, туку ќе отиде нагоре. Тоа е универзум кој е непредвидлив, без закони. Обидете се да размислите за ова, зашто Барт вели дека слободната волја не може да се искористи за да се објасни природното зло. Јас инсистирам дека може. Затоа што во непредвидлив универзум, човечкото дејствие нема да има предвидливи последици. Ако јас пукам со пиштол за да ве убијам, Бог може да го блокира куршумот и оттука мојата акција да ве убијам не вреди, зашто нема да почувствувате болка, бидејќи некоја волшебна рака ќе го однесе куршумот.


Со други зборови, ако немате универзум базиран на закони, во одредена смисла човековата акција станува невозможна бидејќи нашата слобода нема да носи последици. Ќе биде целосно непредвиливо што ќе се случи следно.


Се разбира, може да имаме и универзум заснован на закони, но и да имаме чуда. Со други зборови, да имаме закони, но Бог да интервенира по некогаш. Не секогаш, но на пример, на секои шест недели. Не за да се занимава со ситни работи, на пример, настинка и сл., но да ги блокира цунамите и ураганите кои убиваат десетици илјадници луѓе.


Интересно, кога ќе погледнете во Библијата, има многу чуда. Но, според моето разбирање на работите, тие чуда се насочени кон духовни бенефити, а не за да им контрираат на природните закони. Бог го раздвојува Црвеното Море за Израелците да поминат, Исус го лекува слепиот, но не го отстранува слепилото од целото човештво. Тука целта е духовна, има интервенција во законите на природата, но тоа е исклучок, реткост и целта е духовна. Ако Бог интервенира против законите, тоа значи дека тие не чинат. Јас сум создал фабрика за автомобили, но постојано излегуваат дефектни и мора да се случи чудо за да се поправи тоа. Тоа е дефект. Зошто имаме земјотреси? Ова не е аргумент од Библијата, туку од геологијата: причината е што под земјата има плочи кои се движат. Но, тие тектонски плочи кои се движат и создаваат земјотреси, го овозможуваат животот на Земјата. Интересно, научниците не нашле тектонски плочи кај ниту една друга ѕвезда или планета, туку само на Земјата. Плочите се уникатни и ги има само овде. Ако не се тие, а нашата планета е сочинета главно од вода, водата ќе ја преплави земјата и ќе биде со длабочина од 130 метри. Поентата е дека тектонските плочи се апсолутен услов за живот на Земјата.


Научниците ги прочучуваат законите на природата. Сите закони. Брзината на светлината, нулеарната сила и дошле до нешто што се нарекува принцип на фино поставување на нештата и еве што тоа значи: законите на природата се фино поставени за живот. Можете да имате други закони, но ако ги добиете, нема да се заврши со создавање суштества како нас. Можеби нема да се создаде живот воопшто. Овој принцип се користи за да се докаже дека постои некој интелигентен дизајнер. Јас не го користам овој т.н. антропик принцип за таа цел. Јас велам нешто друго – модерната наука покажува дека овој универзум не функционира со други закони. Ако имате други закони, нема да добиете хомо сапиенс на крајта. Значи, Бог можел да создаде други закони, но на крајот од тој процес ќе немате човечки суштества. Односно ако Бог сакал да создаде суштества како нас, модерната наука вели – ова е рецептот. Мора да се создадат тие природни закони. Законите кои постојат тука и сега се неопходен рецепт за ние да бидеме тука. Овие закони понекогаш имаат две страни. Сончевите зраци од кои зависи животот понекогаш ни носат радијација и канцер, водата која ја пиете и без која нема живот, тоа е водата во која можете да се удавите. Но тоа не се закони кои сами по себе носат страдање. Бог истовремено ни дал алатки да се носиме со тие закони и да ги надминеме последиците од нив. Тоа се нарекува модерна наука. Затоа, има маларија, но имаме и лек за маларија. Тоа што има луѓе кои и сега умираат од маларија е затоа што лекот не е адекватно и навреме дистрибуиран. Проблемот не е во Бог кој предизвикал маларија, туку во луѓето кои не преземаат акција за да се оставри светот кој Бог ни го овозможил. Ви благодарам.


ДЕБАТА МЕЃУ БАРТ ЕРМАН И ДИНЕШ Д’СОУЗА: Постои ли Бог, а ако постои, зошто има толку многу страдања во светот? (1)



извор: denesen.mk

29060043_2016680208590936_36926234558838
  • Facebook

© 2020 Аналитикум / Analitikum