Чулев: Ги охрабрувам колегите да ги повикаат на разговор сите политичари поврзани со „бомбите“

Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, објасни дека полициските службеници имаат право да ги повикаат на разговор сите лица за кои постојат индиции дека сториле кривично дело. Чулев додава дека тоа ниту е негов избор, а ниту негова одлука, особено доколку тие индиции се поткрепени со материјални докази, аудио или видео снимки.

Одговарајќи му на Зоран Заев, Чулев истакна дека постапувањето во согласност со законите и нивната неселективна примена се основните темели на неговото работење во Министерството за внатрешни работи.

Во денешната изјава лидерот на СДСМ јавно ме повика да ги поканиме на разговор и други лица кои се споменуваат во бомбите и уште веднаш ги охрабрувам моите колеги во најкраток можен рок да го направат тоа, но не само оние кои ги спомена тој, туку сите политичари кои изминатиот период беа поврзани, споменувани или во иднина ќе бидат поврзани со некоја од бомбите кои се објавуваат во јавноста, вклучувајќи го и самиот Зоран Заев – вели Чулев, во реакцијата на изјавата на Заев.

Чулев порача дека мора да има правда за граѓаните и секој треба да одговара за криминалот што го направил, особено доколку со тоа го оштетил буџетот на државата.

Можеби во техничката влада правдата е поспора, но ги убедувам граѓаните дека по 15. јули конечно институциите ќе почнат да функционираат во целост и Министерството за внатрешни работи ќе отпочне засилена борба против криминалот и корупцијата. Функционално Министерство за внатрешни работи кое безусловно и максимално посветено ќе се бори против организираниот криминал и корупцијата е едно од најважните прашања кои граѓаните очекуваат да се реши, но и услов за интеграција на државата во ЕУ и јас цврсто ќе застанам позади реализацијата на оваа заложба – нагласува Чулев.

29060043_2016680208590936_36926234558838
  • Facebook

© 2020 Аналитикум / Analitikum