Царовска: Нема да се печатат учебници за новите предмети наставниците да не се врзуваат само за еден

Нашите ученици заостануваат со знаењата зад нивните врсници од другите земји. Тоа е една од главните причини поради кои образовниот процес мора да претрпи промени, рече денеска министерката Мила Царовска објаснувајќи го концептот на спојување на повеќе премети во еден и причините кои довеле до оваа образовна реформа.


-Истражувањето кое го направи УСАИД покажува дека нашите ученици имаат проблем со читање со разбирање. Само 40 проценти од учениците во второ одделение знаат да читаат со разбирање, додека во светот 80 проценти од второоделенците го разбираат тоа што го читаат, затоа се неопходни вакви реформи во образованието. Од друга страна, интегрираните предмети не се новина во образованието во светот, ниту во нашиот образовен систем, таков пример е предметот природни науки до шесто одделение.

Многубројни истражувања покажуваат дека интегрираните наставни програми им помагаат на учениците да ги согледаат врските помеѓу различни природни и/или општествени појави, да го поврзат тоа што го учат со секојдневието и да развијат вештини за доживотно учење. Сега говориме за интегрирање во повисоките одделенија, рече министерката Царовска.


Академиците лингвисти застанаа во одбрана на историчарите

– Имајќи го во предвид местото и улогата на предметот историја во воспитно-образовниот процес на младите генерации во европски и меѓународни рамки и важноста на историската свест на современите генерации за историското минато и за политичката и културна историја на Македонија, ние, членовите на Одделението за лингвистика и литературна наука на МАНУ искажуваме јавно поддршка на стручниот, компетентен и критички став на Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје во врска со новиот реформски концепт на Министерството за образование и наука на наставната програма по предметот „историја“ во државата Македонија и се залагаме за транспарентен, стручен и одговорен однос кон историската проблематика и нејзиниот третман во сите степени на образовниот процес на нашата држава, се вели во соопштението преку кое академиците му дадоа недвосмислена поддршка на Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје во врска со новиот реформски концепт на Министерството за образование и наука на наставната програма по предметот „историја“.


Прашана како ќе се одвива наставата, таа одговори дека наставниците кои предаваат различни предмети заеднички ќе ја планираат наставата.

-Со интегрирањето на содржините во две групи задолжителни предмети, наставниците по овие предмети продолжуваат да работат во училиштето, но заеднички ја планираат наставата, ги поврзуваат појавите и процесите, а учениците ги учат од различни перспективи. Наставниците и досега имаа насоки да реализираат дел од наставните содржини интегрирано, во соработка со колеги по други предмети. Оваа компонента на наставата ќе биде засилена, а наставниците ќе добијат дополнителни обуки за интегрирано планирање и реализирање на наставата. За секоја наставна дисциплина ќе изведува настава соодветниот наставник, што значи повеќе наставници, согласно предвиденото планирање, ќе работат со учениците на часовите по природни науки и општествени науки. Поконкретно, на пример, наставник по биологија и понатаму ќе предава модул биологија, планирањето ќе биде заедничко, објаснува министерката.


На прашање на Слободен печат дали ќе се издаваат нови учебници по новите предмети Природни и Општествени науки Царовска рече дека ќе се прават нови наставни материјали, за учениците од прво до трето одделение ќе се издаваат класични учебниви, а за останатите одделенија ќе има и дигитални учебници.


-Со новата концепција се развива целосно нов систем за употреба на наставните материјали. Овој систем подразбира изработка и користење на разни видови наставни и дидактички материјали кои ќе бидат достапни за наставниците и учениците. Новите наставни материјали ќе ги изготвува Бирото за развој на образованието, а новина ќе биде тоа што нема да се печатат учебници како досега, туку наставниците ќе треба да обезбедат материјали за учење. Наставникот не смее да се врзува само за еден учебник. А со тоа ќе се заштедат и финансиски средства кои до сега биле трошени за печатење на учебници, односно ќе се плаќа само за авторските права на авторите, нагласи Царовска.

Во септември би стартувал новиот концепт со интегрирани предмети во основното образование, и тоа со учениците од прво и од шесто одделение. Сукцесивно ќе се продолжува во останатите одделенија и би требало во период од 5 години целосно да се промени образовниот систем, рече министерката.


Имплементацијата на новата програма ќе почне откако ќе бидат изработени новите наставни програми, велат од МОН.

Во тек се консултациите со сите засегнати страни за новата концепција за основно образование. По нејзиното усвојување на Влада, ќе следува период на изработка на наставните програми, во кои ќе бидат вклучени експерти, универзитетски професори, искусни наставници и советници од Бирото за развој на обраование, по што ќе следува имплементација на реформата.


Од реформата во образованието ќе бидат засегнати и предметите по музичко и ликовно образование. Претседателката на „Здружението на наставници по музичко“ вели дека најголема штета од спојувањето на ликовно и музичко ќе имаат учениците. – Ние веќе подолг период бараме овој предмет да биде застапен во образованието и од прво до петто одделение, со посебен наставник по музика, бидејќи музичките таленти се откриваат на рана возраст. Според новиот т.н фински концепт ние всушност ќе добиеме само половина час во една недела, што е премалку за работа со учениците, нема да имаме никакви резултати, а да не заборавиме дека и двата предмети откриваат таленти, бараат внимание, релаксираат, појаснува Гелевска.

84 проценти од наставниците сметаат дека образованието треба да претрпи промени Универзитетската професорка Виолета Петровска- Бешка вели дека според направено истражување во кое учествувале 4.168 наставници, 84 проценти сметале дека образованието треба да претрпи реформи, 64 проценти од наставниците сметаа дека треба да се намали бројот на наставни предмети додека 52 проценти од наставниците се изјасниле дека треба да се намали обемот на содржините на предметите. -Интегрирањето е светски тренд бидејќи со него се растоваруваат учениците, комбинираат знаења и вештини и не учат со сила. Со реформата наместо втор странски јазик ќе може да се избере Албански јазик како изборен предмет, а времето на престој во училиште ќе биде 5 саати ( 3,5 наставни часа) за децата од прво до петто одделение и шест саати (4,5наставни часа) за децата од 6 до 9 оделение, вели професорката Бешка.


извор: slobodenpecat.mk

29060043_2016680208590936_36926234558838

© 2020 Аналитикум / Analitikum