БРОДОВИТЕ ВО ВАРДАР СТОЈАТ, ШИЛЕГОВ ВЕЛИ ЗА 40 ДЕНА ЌЕ ТРГНЕ ЕДЕН

Ниту еден од трите бродовите во реката Вардар не е отстранет, а градоначалникот Петре Шилегов најави нивно уривање од самото доаѓање на градоначалничката функција пред три години. Помина речиси една година откако на прес-конференцијата одржана на 9 март, Шилегов пред новинарите и камерите го потпиша решението за отстранување на галијата кај МЕПСО. Тогаш кажа дека го раскинува договорот за бродот бидејќи не работел и не била плаќала кирија иако Град Скопје ѝ доставил решение на фирмата „Фаланга Херонеа ДООЕЛ“ во 2018 година дека треба да почне да врши дејност.


Кон крајот на јуни, градоначалникот објави дека е раскинат договорот и за галијата кај „Холидеј ин“ односно бродот „Среќа“ поради неплатена кирија за 4 месеци.


Но, досега ниту една од двете галии не е тргната, а Шилегов неколку пати изјавуваше дека работите се одложиле поради судски постапки односно сопствениците поднеле тужби на решението на Градот за раскинување на договорите. Сега најавува наскоро уривање на еден од бродовите.



„Целосно се исполнети условите за да почне постапката за отстранување на бродот кај ‘Холидеј ин‘. Наредната недела ќе се утврди динамиката и за 40 до 60 дена ќе биде отстранет. За бродот кај МЕПСО сè уште не се завршени судските постапки“, вели Шилегов.

Галиите во Вардар се дел од проектот „Скопје 2014“. При една од многуте измени на Деталниот урбанистички план (ДУП) Мал Ринг, кога градоначалник на Општина Центар беше Владимир Тодоровиќ, во коритото беа вцртани маркички за 6 сплавови, 4 од десната страна и два од левата страна на Вардар. На јавното наддавање во Град Скопје во февурари 2012 беа продадени само две локации на фирмата „Фаланга“, кај зградата на МЕПСО и кај хотелот „Холидеј ин“. Во декември истата година, беше продадена уште една локација на фирмата „Воденица“ меѓу двата пешачки моста. Останатите локации за сплавови кои потоа прераснаа во бродови, никој не сакаше да ги купи и тие не се продадоа.


А. АНТЕВСКА



извор: sdk.mk

29060043_2016680208590936_36926234558838
  • Facebook

© 2020 Аналитикум / Analitikum