БИТОЛА ИМА ДВОЈНО ПОМАЛКУ ЗЕЛЕНИЛО ПО ЖИТЕЛ ОД ПРОПИШАНИОТ МИНИМУМ, ПРЕДЛОЖЕНИ 13 ЛОКАЦИИ ЗА ПАРКОВИ


Географското друштво „Геосфера“ предложи 13 локации за изградба на нови паркови во Битола


Според Светската здравствена организација, за одржување на јавното здравје на граѓаните потребно е парковско зеленило со минимална површина од девет квадратни метри по жител. Според ГУП од 1999 година, во Битола има само 4,8 квадрати парковско зеленило по жител или половина од пропишаниот минимум, велат од регионалното географско друштво „Геосфера“, кое го реализираше проектот „Разбудете ја еко-свеста во себе“. „Поради ваквата состојба, до Општина Битола доставивме 13 предлог површини за изградба на паркови, како и изградба на нов градски парк во Нова Битола, бидејќи во овој дел не постои ниедна уредена зелена површина. За добивање на поголем зелен простор, ‘Геосфера’ предлага и отстранување на дивите гаражи низ градот и нивно уредување во мали детски паркови и игралишта“, велат од Здружението. Во рамките на проектот имаше повеќе активности, меѓу кои и работилница со ромското население од населбата Баир за користење на рачен алат за соголување кабли. Покрај практичната работа, на населението му беше укажано на штетноста од палењето на каблите по здравјето и му беа подарени 29 парчиња рачен алат за соголување кабли, со надеж дека во иднина ќе се намали палењето на истите, а со тоа и аерозагадувањето во тој дел од градот. Ж. ЗДРАВКОВСКА


Извор: sdk.mk

29060043_2016680208590936_36926234558838