БИОНИЧКАТА РАКА НА МАКЕДОНСКИОТ ТИМ „ЕБИОНИКС“ Е ГЛОБАЛЕН ПОБЕДНИК ВО КОНКУРЕНЦИЈА НА 180 ТИМОВИ

БИОНИЧКАТА РАКА НА МАКЕДОНСКИОТ ТИМ „ЕБИОНИКС“ Е ГЛОБАЛЕН ПОБЕДНИК НА НАТПРЕВАРОТ МЛАДИНСКИ ПРЕДИЗВИК ВО КОНКУРЕНЦИЈА НА 180 ТИМОВИ ОД 36 ЗЕМЈИ

Тимот „ЕБионикс“, кој ја изработи бионичката рака, го сочинуваат Орхан Багашов, Тео Китановски, Борис Ночески и Анамарија Илиева.

Во конкуренција на 180 тимови од 36 земји во категоријата на натпреварувачи под 18 години, македонскиот тим „Ебионикс“ е глобален победник на годинашниов светски натпревар наречен „Младински предизвик“. Тимот победи со идејата „VenusArm“ односно бионичка рака печатена со 3Д принтер, а наменета за лицата со недостаток на подлактица од раката. „Како победници на овој глобален натпревар нашиот тим добива 10.000 долари. Овие пари исклучиво се наменети за натамошно усовршување на нашиот производ односно на бионичката рака. Такви се пропозициите на натпреварот. Тоа треба да го направиме во период од една година. За потсетување, станува збор за бионичка подлактица која секој кој има потреба од неа, односно кому му недостасува овој екстремитет, едноставно може да ја отпечати на 3Д принтер и со многу едноставни инструкции самиот да си ја монтира и да ја користи. Идејата ни беше да направиме евтин и за сите достапен производ и секој кој има потреба од ваква протеза шемата за изработка може бесплатно да ја симне од нашиот сајт и, ако има 3Д принтер, да си ја отпечати, да набави други потребни делови и сето тоа да го чини околу 250 евра, наместо за ваква протеза да плати и до 7.000 евра колку што им е цената во продавниците за ортопедски помагала“, вели Орхан Багашов. Тимот „ЕБионикс“, кој ја изработи бионичката рака, го сочинуваат Орхан Багашов, Тео Китановски, Борис Ночески и Анамарија Илиева, сите ученици во Средното училиште „Јахја Кемал“ во Скопје, а работеа под менторство на проф. д-р. Иван Чорбев. Тие со бионичката рака првин победија на државно ниво и заедно со уште еден тим од Македонија се пласираа да ја претставуваат нашата земја на Глобалниот младински предизвик наречен „Генерација без граници“. По победата на овој меѓународен натпревар им претстои едногодишна работа на усовршување на бионичката рака. „Овие финансии ќе ги искористиме за да го подобриме дизајнот на бионичката рака, да додадеме повеќе функционалности на раката и да се осигураме дека таа ќе работи во секое време и во сите услови. Исто така треба да направиме тестирање на повеќе луѓе. Планираме да изработиме и повеќе прототипови за да може целосно да ги истестираме нејзините функционалности“, појаснува Тео Китановски.

Наградата изнесува 10.000 долари и овие пари исклучиво се наменети за натамошно усовршување на бионичката рака.

Иако тимот на овие млади истражувачи во наредниот период е насочен кон усовршување на бионичката рака тие веќе размислуваат и за отворање на еден старт-ап преку кој нивниот производ ќе биде подостапен за што поголем број луѓе кои имаат потреба од бионичка протеза. „Веќе некое време сме размислувале и на оваа тема но, најпрвин сакаме целосно да ја завршиме изработката на бионичката рака па потоа да размислиме за еден старт-ап за кој во секој случај постои опција. Во овој момент бионичката рака секој кој сака може да ја направи, да ја тестира и да ни даде фидбек за да знаеме во кој дела да ја подобриме. Сега имаме корисник во Шведска кој ја користи раката и ни дава информации за нејзиното функционирање. За бионичката рака има заинтересираност, а во моментов сме во преговори со две интернационални компании за 3Д принтање и електроника со кои сакаме да станеме партнери, а целта на ова партнерство е да се олесни процесот на добивање делови од страна на корисниците. На овој начин и ние ќе можеме индиректно да се финансираме, не од корисниците туку од овие фирми со кои ќе соработуваме. Бионичката рака може секој да ја направи сам но, дојдовме до заклучок дека многу луѓе немаат 3Д принтер на кој треба да се испринта раката. Така, ние ги поврзуваме со фирмите кои работат со 3Д принтери а овие фирми им даваат попуст на нарачателите а нам треба да ни даваат процент од услугата што им ја вршат на корисниците“, појаснува Борис Ночески. Оваа бионичка рака е резултат на една тимска работа на овие средношколци кои на неа работат повеќе од една година. Секој од нив си има определено задолжение, секој е свесен за важноста на тоа што го прават и тоа, како што велат, води кон успехот. „Ние бевме добро поделени во задачите и секој требаше да го заврши својот дел од работата. Тео работеше на програмата, Орхан беше задолжен за дизајнот на бионичката рака, а јас бев задолжена за социјалните медиуми, за Инстаграм и Фејсбук, додека Борис го дизајнираше веб сајтот при што и јас учествував во тоа“, вели Анамарија Илиева.

Секој во тимот си има определено задолжение, секој е свесен за важноста на тоа што го прават и тоа, како што велат, води кон успехот.

И додека во наредниот период им претстои макотрпна работа на усовршување на бионичката рака, во тимот интензивно размислуваат и за идните идеи и проекти кои ќе ги работат. „И нашите идни проекти ќе бидат поврзани со помош на лица кои ги загубиле горните екстремитети или имаат друг вид попреченост. Исто така планираме изработка на бионичка рака но, со различен вид на контролирање. Оваа бионичка рака е за подлактица и се контролира со мускули но, би сакале да работиме и на други видови на контролирање на движењата на раката. Исто така сакаме да направиме протеза и за кога недостасува целиот екстремитет и тоа ќе биде еден голем предизвик за нас после изработката на бионичката рака“, надополнува Орхан Багашов. Финалната церемонија на прогласувањето на победниците тимот ја следеше онлајн. Велат пандемијата ги спречила да се соберат и заедно да го следат настанот но, во секој случај горди се на тоа што го направиле и сметаат дека можат и понатаму да направат уште поголеми работи.

З. АНДОНОВ

извор: sdk.mk

29060043_2016680208590936_36926234558838