Австрија ја прекина вакцинацијата со АстраЗенека, по смртен случај

Австриските власти привремено ја прекинаа вакцинацијата со серија вакцини против Ковид-19 од „АстраЗенека“, додека истрагата за смртта на едно лице и развојот на белодробна емболија кај други по вакцинацијата е во тек, објави австрискиот државен завод за здравствена безбедност (BASG) во недела.


BASG доби два извештаи кои се поврзани со вакцина од истата серија „АстраЗенека“, а пациентите ја примија на клиника во градот Цветл во провинцијата Долна Австрија, се вели во соопштението.


Според извештајот, 49-годишната жена починала како резултат на сериозно нарушување на коагулацијата на крвта, а 35-годишната имала белодробна емболија, но се опоравува.

Белодробна емболија е акутно нарушување предизвикано од ненадејна акумулација на згрутчена крв во пулмоналната артерија со последователна опструкција на протокот на крв во ткивото на белите дробови.


„Во моментов, нема докази за причинско-последична врска помеѓу овие состојби и вакцината“, соопштија од BASG.


Швајцарскиот весник Niederoesterreichische Nachrichten, телевизијата ORF и новинската агенција APA објавија дека и двете медицински сестри се вработени на клиника во градот Цветл.


Во соопштението на BASG се вели дека згрутчувањето на крвта не е меѓу познатите несакани ефекти на вакцината и се додава дека веднаш е покрената истрага за целосно исклучување на каква било потенцијална врска помеѓу вакцината и овие здравствени проблеми, односно смртта.

-Како претпазливост, ние повеќе не ги користиме преостанатите залихи од оваа серија вакцини „АстраЗенека“, се вели во соопштението.

Новинската агенција АПА го цитираше портпаролот на „АстраЗенека“ дека компанијата е во контакт со австриските власти и ја поддржува истрагата.


Агенцијата потсетува дека вакцината е одобрена и од Европската агенција за лекови и од Светската здравствена организација врз основа на глобално клиничко испитување со вклучени 23.000 испитаници.

-Сите претходни проценки покажаа дека вакцината на „АстраЗенека“ против Ковид-19 е безбедна и ефикасна, објави АПА.

Регулаторите на Европската унија ја одобрија вакцината на 30 јануари, со објаснување дека е ефикасна и безбедна за употреба. Несаканите ефекти забележани за време на студијата главно траеја кратко и не беа забележани проблеми со згрутчување на крвта.





извор: lider.com.mk

29060043_2016680208590936_36926234558838
  • Facebook

© 2020 Аналитикум / Analitikum