Алекcaндpa и Aнгeлинa, двe „eтнички Aлбaнки“, вpaботени во скопcкиoт Конзepватopcки центap

Александра и Ангелина. Две прекрасни имиња. Да биде работата уште попрекрасна, ги носат две дами, неодамна вработени во Националната установа Конзерваторски центар – Скопје, во Одделението за конзервација на уметничко наследство.


Едната ќе биде Стручен соработник за конзервација на дрвена и камена пластика, другата ќе работи како Стручен соработник за ѕидно сликарство.


Конечно нов кадар што ќе води грижа за нашето културно и уметничко наследство!

Одлуките се донесени на 29 јануари 2021 година, врз основа на Оглас за вработување бр. 02/2020. Во нив се цитираат соодветни членови од Статутот на Јавната установа и од Законот за културата. Потписникот, директорот Коле Чапкановски, се повикал и на Годишната програма за вработување. Освен тоа, двете дами освоиле максимум бодови.

На прв поглед, навистина сѐ е според Законот и според Статутот. Освен, можеби, една мала ситница…


Образложувајќи ги своите одлуки, директорот Чапкановски напишал дека етничката припадност на Александра и на Ангелина „соодветствува со припадноста на етничките заедници утврдени во Балансерот на МИОА…“ И сходно на тоа, двете дами се вработени без никаков проблем.


Зашто, верувале или не – и двете се Албанки по етничка припадност!

Можеби некој во тоа не верува, ама така пишува во двете одлуки. И двете носат деловоден број 04-56/3. Плусинфо ги поседува, но сигурни сме дека министерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, може и самиот да ги обезбеди по службен пат.


Во случајов, или Александра и Ангелина, двете со презимиња на „ски“, навистина се Албанки по етничка припадност (што лесно може да се утврди, врз основа на познавање на албанскиот јазик, на пример), или станува збор за суптилно изигрување на Статутот на Јавна установа, на Законот и на институцијата со смешно име, Балансер.


Како и да е, на јавниот оглас се јавиле и други лица, кои биле одбиени, затоа што веројатно не освоиле максимален број бодови, а и по етничка припадност не биле „Албанци“. Како Александра и Ангелина…


И тие сега се прашуваат – до кога оваа власт ќе нѐ прави будали?

Тие очекуваат министерот и вицепремиер Љупчо Николовски да се заинтересира за случајот, бидејќи самиот вети бескомпромисна борба против корупцијата и другите злоупотреби. Еве му малку работа…



Извор: Плусинфо infomax.mk

29060043_2016680208590936_36926234558838