ВМРО-ДПМНЕ: Заев со поскапување на струја ќе ги покрива дупките на ЕЛЕМ, МЕПСО и РЕК Битола



СДСМ ќе ја поскапува струјата, и со тоа удира по џебот на граѓаните, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение. Оттаму сметат дека Заев сака со парите на граѓаните да ги покрива дупките во енергетиката, од каде во изминативе 4 години само за ископ и транспорт во РЕК Битола се испумпани 200 милиони евра народни пари на сметки на фирми блиски до власта. Ова, велат, се пари кои доколку РЕК Битола набавеше сопствена механизација ќе беа заштедени.

– Во периодот додека СДСМ беше опозиција жестоко обвинуваше за корупција и силно ветуваше прекин на ископ со приватни фирми во РЕК Битола. Меѓутоа откако СДСМ е на власт, во овие четири години пропаднаа обидите да се купи државна механизација и се остави широко поле за коруптивни тендери и сомнителни тендерски постапки за ископ на јаглен и јаловина во рудниците во РЕК Битола. Ако на ова се додаде поплавата предизвикана од неспособност, како и милионскиот интервентен тендер за багерот КУ 300 кој се хавариса по смислено сценарио, а и неразјаснетата хаварија на Блок 2 во Термоелктрани, после милионскиот тендер, исто така во четири очи за санација, а за кој мора да се спомене дека до денешен ден е надвор од производство, тогаш одговорот е јасен зошто состојбата со АД ЕЛЕМ е загрижувачка, се додава во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека се уште нема официјални извештаи за финансиската состојба за 2020 година, но од неофицијални информации се знае дека АД ЕЛЕМ ја завршила 2020 година со повеќе од 25 милиони ЕВРА загуба. Загубата, додаваат, е неминовна имајќи предвид дека главните приходи се од производството на електрична енергија кое во 2020 година е рекордно најниско од како постои АД ЕЛЕМ и изнесува 3.642,7 GWh. – Извршено е партиско и рамковно превработување со партиски гласачи кои ништо не работат, а земаат високи плати. Трошоците се енормно високи, со извршени многу непотребни набавки. МЕПСО до пред една година важеше за успешна профитабилна компанија. Сега за 2020 година излегоа податоци дека МЕПСО е во загуба од 6 милиони ЕВРА. За 4 години СДСМ успеа да ги банкротира ЕЛЕМ и МЕПСО. И сега сметката за расипништвото ја фрлаат на товар на граѓаните, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.


29060043_2016680208590936_36926234558838