Забавена истрагата за Лидија Димова, обвинение нема, обвинителот ќе побара продолжување на рокот

Пандемијата ја забавила истрагата за поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова којашто беше отворена во октомври минатата година, па обвинителот ќе побара продолжување на рокот за истрага.


Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за Фокус велат дека до денеска се сослушани двете првоосомничени лица, односно Димова и сопственикот на Друштвото за трговија и услуги „В.Е.З. трејд“, Зоран Златковски.


-Останатите две лица ќе бидат сослушани до крајот на овој месец и тоа едното лице откако ќе му заврши периодот на изолација. Заради состојбата со пандемијата, дел од времето потребно за спроведување на истрагата измина во спроведување на антиковид мерки и протоколи, со што се јави потреба надлежниот обвинител во наредниот период да побара продолжување на рокот за истрага, ни одговорија од Обвинителството.


Власта со гласен повик за оставка


Според груба пресметка, на крајот на април истекуваат шест месеци од отворањето на истрагата, рок до кога треба да се комплетира истрагата и да се поднесе обвинение.


Димова беше разрешена и против нејзе беше отворена истрага откако кога „А1 он“ обелодени дека во изминативе три години Националната агенција доделила грантови од програмата „Еразмус 2“ во износ од 270 илјади евра на фризерница. Сопственикот истовремено бил и надворешен експерт во Националната агенција, а беше објавено и дека во благајната на Агенцијата недостасуваат 15 илјади евра.


Веднаш по објавеното истражување цел државен врв, на чело со премиерот Зоран Заев, Вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров повикаа случајот да се истражи и да се открие дали се точни обвинувањата за злоупотреба на европските пари. Иако не беше докажан криминалот, власта побара Управниот одбор да ја разреши Димова повикувајќи се на етичкиот кодекс.


Судијата ѝ ги одзеде двата пасоши, ѝ наложи повремено да се јавува во судот и ѝ изрече забрана за вршење на одредени дејности. Неделникот„Фокус“ во ноември, минатата година објави дека Димова не се сомничи само за засега недокажана проневера на пари во аферата „Фризерница“ туку се сомничи и за други злоупотреби.


Димова се сомничи и за спорни јавни набавки, високи дневници и патувања без покритие


Финансиската полиција во пријавата ја товари Димова за четири кривични дела, злоупотреба на службената пложба и овластување, измама на штета на средства на Европската заедница, созивршителство и несовесно работење во службата. Две од кривичните дела, според Финансиската полиција ги направила сама, а во другите две кривични дела учествувале и надворешниот соработник Александар Гочев, сопственикот на „Фризерницата“, односно фирмата „В.Е.З. трејд“, Зоран Златковски и сега веќе поранешната благајничка во Агенцијата, Ана Павлиду.


Според извори на „Фокус“ од истрагата, Димова е осомничена дека без да објави оглас и без законска постапка склучила договори за јавни набавки со три скопски фирми и една странска организација во вредност од над 14 милиони денари. Според нашите извори станува збор за фирмите „КЛС ДООЕЛ Скопје“, „Солар енерџи СКЦ“ и „Балканика ДООЕЛ Скопје“. Пари биле исплатени и на организација во Лондон, без оглас, постапка и договор. Димова се товари и дека исплаќала и повисоки дневници од предвиденото за патување во странство. Имено, според нашите извори таа спротивно на решението на Агенцијата за највисоки износи на дневници за службени патувања и селидби во странство и без одлука на Управниот одбор на Агенцијата во периодот од 2018 до 2020 година, додека беше директорка, исплатила за над 1,8 милиони денари повеќе дневни надоместоци за патување во странство од предвидениот максимум. Се сомничи и дека без да објави постапка и без јавен конкурс склучила договори за вршење на услуги со повеќе надворешни лица и на сите нив вкупно им исплатила над 2 милиони денари.


Нејзиниот факсимил додека била на директорската функција му го доверила на надворешниот соработник и проектен асистент, Александар Гочев, но без да донесе решение за негово овластување. Па така, според нашите извори, Гочев земал аванси за службени патувања од благајната на агенцијата со употреба на факсимилот на образец за исплата каса-прими. Од касата на Агенцијата недостигаат 943.757 денари или над 15 илјади евра. Благајничката Павлиду се товари за несовесно постапување во вршењето на службата. Не водела благајнички дневници за сите уплати и исплати во балагајната и правела исплати без преходна дозвола од финансискиот сектор на Агенцијата.


Во „Фризерница“ парите се само одобрени, но не и префлени


Сепак најмногу внимание во јавноста предизвика случајот со „фризерницата“, иако во него не се проневерени сумите за кои се зборуваше во јавноста. Димова во ноември 2019 година без да објави јавен оглас го ангажирала Златковски за надворешен соработник. Тој пак иако бил надворешен соработник на Агенцијата, сепак како сопственик и управител на „В.Е.З. Трејд“ доставил апликации и добил грантови од европската програма „Еразмус плус“ во вредност од над пет милиони денари. Одобрени му биле проекти и оваа година во вредност од над 9 милиони евра. Овие пари се само одобрени, но се уште не му се префрлени, па истражните органи не ги сметаат за пронверени. На Димовска, Гочев и Златковски им се одредени мерки за претпазливост додека трае истрагата, додека Павлиду ќе чека да заврши истрагата без никакви мерки. Четворицата се осомничени дека злоупотребиле пари кои на земјава ѝ ги доделува Европската заедница во вредност од 25.3334.543 денари, односно околу 415 илјади евра.

Сите овие наводи за малверзации засега остануваат само сомненија коишто треба да ги докаже Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.


Опозицијата бара одговорност, а не само оставки


Деновиве кога актуелна е оставката што си ја поднесе секретарот во Владата, Драги Рашковски по бројните афери објавени во медиумите, опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара скадалите поврзани со луѓе блиски од власта да не се покриваат само со оставки туку и со одговорност.


-Изнудената оставка на Рашковски пропратена со арогантен напад на јавноста не е преземање на одговорност. Драги Рашковски има и тоа колку многу причини да одговара, почнувајќи од скандалот Леонардо, преку САРХЕМС, па до најновиот скандал со набавката на софтверот на МВР, но и за непријавениот имот, џип и хациенда.Зоран Заев очигледно сака своите соработници кои се до гуша заглавени во криминали и корупција да ги спасува само со оставки. Така беше случајот со ден Дончев и Лидија Димова, така е и сега со случајот на Драги Рашковски. Овие милионски скандали не се покриваат со оставка, потребана е одговорност и судска разврска, порача опозицијата по објавувањето на оставката на Рашковски.



извор: фокус

29060043_2016680208590936_36926234558838