Мицкоски: Македонија е единствена на Балканот која државноста ја стекна преку НОБ


Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ денеска организираше настан по повод денот на победата над фашизмот и Денот на Европа на споменикот Могила на непобедените во Прилеп. Свое обраќање имаше лидерот на партијата, Христијан Мицкоски кој рече дека треба секој од нас да е свесен е дека единствен народ на Балканот кој своја државност стекнал преку НОБ без европски или светски спонзори е токму македонскиот народ и оваа држава која што ние ја живееме.

Мицкоски својот говор го започна со тоа дека не случајно Прилеп е местото на почетокот на народно ослободителното движење и народноослободителната борба и дека борбата за слобода не е никаков изолиран случај туку континуиран процес на неколку Илиндени.

-9 мај немаше да се случи, ако претходно не беше 11 октомври неколку години порано, а денес седиме овде наспроти плочите каде се вклесани имињата на 462 партизани од НОБ од Прилеп и околината кои ги дале своите животи за нашата денешна слобода и држава. И имињата на овие луѓе не треба никогаш да заборавиме бидејќи буквите на нивните имиња се испишани со падната крв за нашата слобода и иднина. Ете толку е скапа нашата слобода и државата која што е спечалена со крв, пот и страдања, рече Мицкоски.

Тој истакна дека ова не треба да се заборави никогаш и слава им на хероите и дека треба секој од нас да е свесен е дека единствен народ на Балканот кој своја државност стекнал преку НОБ без европски или светски спонзори е токму македонскиот народ и оваа држава која што ние ја живееме. Рече дека нашите предци не` не посрамотија, и биле на вистинската страна, а прашањето е, додаде тој, дали денешната власт го чува тоа наследство и не ги посрамотува нашите предци?

-Одговорот го добиваме кога премиерот, во името на некакво пријателство, вели дека тука имало администрација, а не фашистички окупатор, што самото по себе е тешка небулоза и невистина. И тоа е дотолку страшно зошто се вика брутално, сурово убиство на вистината. Од друга страна премиерот на нашиот источен сосед, оној нели кој Заев го вика брат, ќе рече Делчев бил бугарски револуционер, а македонски војвода. Ваков оксиморон, ваква противречност во една реченица не е возможна. И не е страшно во што тие веруваат, може да веруваат во што сакаат, лошо е што македонските власти молчат, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски истакна дека му е жал кога ги гледа премиерот и сите министри кога треба да честитаат некаков важен јубилеј и празник. Успех на фудбалска или ракометната репрезентација, или да се одбележи некој ден, а рече дека сигурно и денес на 9 мај тоа ќе се случи.

-Ќе изнапишат статуси, ќе смислат 300 варијации, само да не го споменат името Македонија. Бегаат од него, срамежливо ќе асоцираат, како да сме безимени. Од новото име се срамат, а Македонија не ја пишуваат. Тука ќе им го видите нивниот ум и нивното отсуство на кичма. Работите мора да се гледаат реално и да се кажуваат такви какви што се, без додавања, точки или запирки, порача Мицкоски.

Потоа, Мицкоски се осврна на добивањето на датум за преговори со ЕУ. Истакна дека денеска требаше да биде третата година откако Заев го прослави добивањето на датум и почеток на преговори, потсетувајќи на фотографијата од владиниот авион. Обвини дека 4 години власта не мрднала ниту милиметар напред. Дека Заев го смени уставното име и повторно го промени Уставот. На потпишаниот договор со Бугарија, но дека од Европа сме добиле само тапкање по рамо, ветувања и нов услов за напредок на патот кон ЕУ.

-Сега наместо почеток на преговорите условот е да признаеме дека пред 1944 година сме биле Бугари, дека нашиот јазик бил бугарски, дека сите оние илинденци кои со крв ја пролеаја македонска земја за независна држава во срцето на Балканот не биле Македонци, туку биле бугарски војводи, тоа е новиот услов кој ние треба да го прифатиме. Во 21 век, ние денеска според Заев за да почнеме преговори, треба да решаваме прашања од 19 век. Да бркаме по нашите корени и да ја чепкаме крвта и коските на оние кои животот го положија за независна и суверена Македонија. Дали тоа е реалноста во која сакаме да живееме, каква е оваа наша денешна сурова реалност. Оваа сурова реалност е по тоа што требаше да бидеме барем први според бројот на вакцините, а ние денеска сме последни, рече Мицкоски во обраќањето.

Мицкоски рече дека Европската Унија треба да биде погласна за криминалите кои ги прави оваа влада, и за грешните политики кои земјава ја туркаат во бездна. Затоа што, додава тој, нашата европска иднина се загрозува со секој криминален тендер кој оваа влада ќе го направи, затоа што денес Бугарија е пречка, но во истиот момент станува пречка и кога овие што штанцале пасоши на белосветски криминалци ќе примат удар како топовско месо и ќе лежат по смешни 2 години затвор, само за да нема одговорност за главата на криминалната мафија, затоа што такви како Рашкоски има секоја општина, министерство или претпријатие, десетпати повеќе од тоа што јавноста го знае.

-Точно е тоа дека нашиот единствен пат е кон Европската Унија, која мора повеќе да се ангажира околку обезбедувањето на нашата иднина. И затоа од овде од слободарски Прилеп ќе им порачам, преговори веднаш, оставете го Заев и тие главоклимачи околу него.


Не се тие Македонија, туку овој чесен и честит народ и вредни домаќини. Ова е народот кој многу пред вас ги покажувал своите европски вредности и неговото место е таму за да ја добие заслужената правда, а да ја добијат и сите оние кои што се неправедно обвинети и неправедно осудени од ова обвинителство и судство кое е под целосна чизма на власта на Зоран Заев, истакна Мицкоски.

Тој не заборави и да го повтори ставот дека бараат правда, а не милост, за стореното, алудирајќи на осудените од 27 април. Рече дека не може да стојат мирни на политички монтираните случаи.

-Не сум јас да се замолчи на насилството, но против тоа сум кога поради политички потреби и кампања таквото насилство се смета за тероризам за да истите тие лежат по 17 години, додека овие со македонски пасоши од мафиите низ светот убиваат и крадат со македонски пасоши, изјави тој.

Целиот говор можете да го проследите во продолжение.

извор: лидер

29060043_2016680208590936_36926234558838