ВИДЕО I ВМРО-ДПМНЕ бара итна пленарна седница за антикризниот пакет мерки - ВЛАДАТА НЕ ПРИФАЌА

Граѓаните, компаниите и стопанството немаат време за чекање. Економијата и бизнис секторот немаат време за политички сплетки и политиканство. Помошта е потребна веднаш, без одлагање, рече координаторот на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија, Никола Мицевски. ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш бара од СДСМ, Зоран Заев и владејачкото мнозинство веднаш да закажат итна пленарна седница на која што заедно ќе се разгледаат и едногласно ќе ги изгласаат законите од таканаречениот петти пакет мерки поврзани со финансиската помош за граѓаните и компаниите.

– Во овој момент, на оваа прес конференција позади мене се присутни сите пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата кои се подготвени да бидат присутни и да дадат целосна поддршка за овие закони доколку власта конечно се вразуми и одважи да ја закаже седницата, посочи Мицевски.

Тој апелираше да престанат политичките игри, пазарења и тактизирања врз грбот на граѓаните и стопанството и веднаш, уште денес да се закаже итна пленарна седница на која што ќе ги изгласаме законите од таканаречениот петти пакет на мерки за финансиска помош на граѓаните и стопанството.

– Ние како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе бидеме присутни во Собранието. Сега на потег е власта, заврши Мицевски.



извор: лидер

29060043_2016680208590936_36926234558838