Владата разгледува мерки за помош за скапиот зејтин, но не може да се одлучи


Во моменти кога малопродажната цена на шише зејтин урива рекорди, Владата се уште размислува дали да интервенира со помош на домашните производители на сончогледово масло за јадење, иако ваква точка се нашла на разгледување на седницата во вторникот.


Владата разгледувала предлог за финансиска поддршка на домашно производство на масло за јадење од сончоглед за домашен пазар, но засега од таму велат дека станува збор за разгледана информација без донесена одлука. Кога ќе има конкретни заклучоци и одлуки, велат дека ќе ја известат јавноста.


Овој и претходниот месец регистрирано е рапидно зголемување на цените на основните производи, на маслото за јадење, лебот и на дел од лековите. Последен пат од Владата како интервенција за помош на домашните производители беше одлуката за укинување на увозните давачки при увозот на рафинирано масло од сончоглед за квота во количина од 12 000 тони во 2008.


Претставници на владата единствено уверуваат дека ситуацијата се разгледува на терен, но дека тековите најмногу се должат на порастот на цените на светската берза. Во врска со покачувањето на цената на маслото за јадење, вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, вели дека во извесна мера е оправдано поради светско движење на цените.


„Сега единствениот механизам ни е преку пазарната инспекција да утврдиме дали има неправилности и дали има навистина зголемување на цените на вештачки начин. И веќе ние ги следиме секојдневно, не само од јавувањето на граѓаните. Ние и самите го следиме движењето на цените. Веќе има таква интервенција на неколку субјекти. Наскоро ќе излеземе со податок што точно ќе направиме и секако сите тие што се обиделе да профитираат или во овој момент кога на сите нас ни е тешко да изнесат максимална добивка од состојбата се што е законски ќе се преземе“, рече Битиќи.


Во Македонија скокнаа трошоците за живот. Во март оваа година во споредба со истиот месец во 2020, трошоците на живот се зголемени за 2,1 отсто, а цените на мало за 2,6 проценти. Пораст на индексите на трошоците на животот во март 2021 година, во споредба со претходниот месец, е забележан најмногу кај маслото и маснотиите за 3.5 oтсто.


Светските цени на храната паднаа на почетокот на пандемијата на вирусот корона, но беа проследени со нагло зголемување, покажуваат податоците на Организацијата за храна и земјоделство. Според Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации, цената на храната во февруари е највисока во последните шест години и 16 проценти повисока од просекот за 2014-16 година.


Од јуни минатата година, цените растат постојано, достигнувајќи раст од 22,9 проценти во февруари. Во споменатиот период цената на маслото за јадење се зголеми за цели 60,8 проценти, а на житарките за 29 насто.


Најголеми домашни производители на зејтин во Македонија се велешки „Кристал“, штипскиот погон „Брилијант“ на „Витаминка“ и струмичката компанија „Ал-Макс“ која произведува зејтин под брендот „Бисер“.


gif

извор: faktor.mk

29060043_2016680208590936_36926234558838