Средношколците најавуваат протест: Последната „реформа“ со учебниците е крајно лоша

Средношколците најавуваат протести по празниците, доколку министерката за образование Мила Царовска не се откаже од идејата за електронски учебници. – Доколку министерката Мила Царовска продолжи со нејзиното инаетење и деструктивизам, нашето противење ќе прерасне во протести. Свесни сме сите, а и докажано е дека долгорочно седење пред компјутерските екрани е штетно. Другиот битен аспект е што постојат голем број на училишта без основни услови за настава и со самото тоа голем број училишта не се опремени со компјутери за да функционира тоа…“, посочуваат меѓудругото од асоцијацијата на средношколци „Средношколски глас“.

Оттаму посочуваат дека последната „реформа“ со учебниците е крајно лоша и дискриминаторска одлука од многу аспекти.

– Ние „Средношколски глас“ како средношколска организација строго се противиме против уништувањето на образованието и доколку министерката Мила Царовска продолжи со нејзиното инаетење и деструктивизам, нашето противење ќе прерасне во протести, а трпението кај граѓаните е од ден на ден помало. Стоп за уништувањето на образованието“, наведуваат од асоцијацијата. Тие сметаат дека одлуката за воведување на електронски учебници е лоша, најпрво од здравствен аспект.

– Свесни сме сите, а и докажано е дека долгорочно седење пред компјутерските екрани е штетно. Другиот битен аспект е што постојат голем број на училишта без основни услови за настава и со самото тоа голем број училишта не се опремени со компјутери за да функционира тоа. Министерката изјави доколку учениците немале можност за таква настава ќе требало да ги фотокопираат учебниците, но тоа е финансиски невозможно за некои семејства. Едно семејство со две деца за почетокот на таква школска година ќе треба да издвои цела просечна плата, велат од „Средношколски глас“.

Реакцијата доаѓа откако МОН најави дека од четврто до деветто одделение и во средните училишта ќе се учи од е-учебници, што предизвика револт во јавноста, особено кај родителите и стручната јавност.

Дел од коментарите се во насока дека ваквите реформи ќе предизвикаат “роботизирање на децата пред екран“, но и дека печатењето сепак ќе биде на товар на родителите, иако од Министерството најавуваат дека тоа ќе биде обврска на основните училишта.

Средношколската асоцијација смета дека се потребни нови реформи во образованието, но како што велат, „ова е далеку од некаква реформа“.

– Децата поминуваат многу непродуктивно време седејќи на дигиталните уреди со часови. На овој начин тие ќе добиваат квалитетни информации, ќе се запознаат со нови содржини и ќе го збогатат своето знаење, одговори деновиве Царовска на новинарско прашање како дигиталните учебници ќе влијаат врз здравјето на децата.

Таа додава дека со е-учебници ќе бидеме во чекор со земји како Естонија, Словенија, кои се веќе чекор напред со дигитализација.

– Воведувањето на електронски учебници е голем чекор напред за нас, смета министерката Мила Царовска. Царовска објасни дека во регионот почнуваат со комбиниран модел за потоа да се случи целосна дигитализација.



извор: лидер

29060043_2016680208590936_36926234558838