Не можеме да го казниме хотелот, градоначалникот Богдановиќ бил регистриран како гостин со спиење


Немаме никаква основа да го казниме хотелот во кој престојувал градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, бидејќи тој бил регистриран како гостин во хотелот со спиење, вели за Фактор директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски.


Пауновски за Фактор вели дека синоќа, некаде пред 21 часот, добиле пријава за градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, а за тоа добиле и фотографија.


Веднаш ги ангажирав инспекторите, оние кои имаат дозвола за работа на терен и после полициски час, и тие веднаш отишле на местото на настанот да ја проверат пријавата. Но, се испоставило дека тие не можат да преземат никакви мерки, бидејќи градоначалникот бил регистриран во хотелот клако гостин со спиење. За тоа имаме и комплетна документација од хотелот. Што значи дека тука нас ни се врзани рацете и не можеме да преземаме никакви мерки. Значи, излезе дека ова било лажна дојава“, вели за Фактор Пауновски.


За ова, според него, има и документи, и од хотелот и од МВР, дека гостинот бил регистриран со спиење, и дека не може да се дејствува.


За Фактор директорот на ДПИ, Пауновски, ги испрати и документите, кои следуваат:


Според протоколите, хотелите можат да служат храна за своиоте гости до 20 часот, но гостите и потоа можат да седат во нивните фоајеа.


„Всушност, лоши се протоколите, а ние и нашите инспектори мора да постапуваме по протоколи, бидејќи во спротивно ќе дојдат адвокатите на тој хотел на пример, и ќе ни поднесат тужби, нешто што не смееме да си го дозволиме“, објаснува Пауновски за Фактор.


А на нашето прашање зошто Богдановиќ бил гостин со спиење во хотел во Скопје, кога самиот е скопјанец, вели дека тоа прашање треба да му го поставиме нему.


„Вчера Саша Богдановиќ беше во кафеана, го служеа келнери, додека сите останати се под клуч и полициски час. Ова е матрицата на СДСМ за непочитување на закони, Заев отвора хотели само за него, а Богдановиќ кафеани. Ова вчера беше брутално газење на законите од најверниот слуга на Заев, Богдановиќ“, тврди пратеникот Бојан Стојаноски.


Богдановиќ се јави со демант и вели дека бил во хотел каде сместувал странски кошаркар што ќе игра за КК Работнички.


„Целосно ги отфрлам и демантирам информациите дека во текот на изминатиот ден сум седел во кафани за време на полициски час и сум прекршувал закони. Во текот на вчерашниот ден, сместував гости во хотел дојдени од Белград и кошаркарот на Работнички кој е најновото засилување во нашиот клуб. За сето сместување и престој поседувам документација и сведоци. За да се расчисти целиот случај и да се докаже вистината сите аргументи ги доставив до сите надлежни органи. Воедно барам извинување за напишаните текстови во рок од 24 часа и објава на мојата реакција. Во случај да не се случи тоа ќе покренам граѓански спор“, вели Богдановиќ.


gif

извор: фактор

29060043_2016680208590936_36926234558838